/ Прочитано:

2.201

Судење „Детонатор“: Третообвинетиот по телефон и кажал дека дека првообвинетиот бара човек во Дупница што ќе го ликвидира нејзиниот сопруг, тврди оштетената

Четврток, 25 октомври 2012 – Пред судскиот совет пристапи оштетената Јанка Стоименова, сопругата на оштетениот Драганчо Стоименов кој обвинeттите наводно во неколку наврати се обиделе да го убијат поставувајќи му експлозивни направи под возилото. Стоименова и се обрати на судијката со солзи во очите, велејќи дека и денеска чувствува страв од обвинетите кои седеа зад неа. Не и било јасно зошто обвинетите сакале да го убијат нејзниот сопруг кога со нив тие немале никаква допирна точка. Додека сведочеше оштетената, нејзиниот сопруг видно нервозен реагираше кога роднините на обвинетите дофрлаа и се смешкаа. 

Предметот се води против 16 обвинети кои беа уапсени во акцијата на МВР, „Детонатор“. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство.

>> Предметот за случајот Детонатор проследете го тука.

Тек на рочиштето

14:15 – Следното рочиште е закажано за 30.10.2012 година во 10:30 часот. Судот ги повика останатите оштетени лица на следното рочиште да се појават во судница.

14:00 –  Сите обвинети се изјаснија дека според нив сведокот лаже, како што се изјаснија Стоименова не ја кажала вистината. Само првообвинетиот немаше забелешка на исказот на сведокот. Стоименова се произнесе дека се приклучува на кривичниот прогон, ќе бара оштетно побарување, но за тоа ќе се изјаснела подоцна во постапката.

13:20 –  На ред дојдоа прашањата на адвокатите. Одбраната на пробвинетиот Игор Горански се обиде да појасни дека внуката на оштетената не била малтретирана, туку и бил забранет влез во дискотеката „Ефект“ во Виница бидејќи е малолетна, а не дека Горански наредил таа да не влегува. Оштетената потсети дека се уште ги чувствува заканите и притисоците од страна на блиски луѓе на обвинетите кои не се дел од овој предмет и живеат во Кочани. Останатите адвокати бараа прецизирање во однос на времето кога се случувале заканите и притисоците. Судот не им ги дозволи дел од прашањата кои според советот не се предмет на обвинение.

12:30 – Солзите ги задржа се додека не дојде моментот кога требаше да ги опише деновите кога се случија експлозивите во возилото што го управувал Стоименов. Нејзиниот опис беше идентичен со оној на нејзиниот сопруг, само додаде дека не и е јасно зошто ситуацијата толку се влошила.

„Не ми е јасно зошто работите отидоа толку далеку. Со обвинетите јас и мојот сопруг немаме никакви допирни точки, ниту заеднички бизнис интереси, немаме лични несогласување, ниту контактираме. До ден денес не ми е јасно зошто некој сака да го убие мојот сопруг“, со солзи во очите сведочеше оштетената.

Понатаму во нејзиното сведочење појасни дека и денес чувствува страв од обвинетите кој во моментот беа седнати зад нејзе. Рече дека заканите и притисоците се уште постојат, објаснувајќи како пред еден месец нејзниот брат бил испровоциран и скоро нападнат во Кочани, од страна на другари на обвинетите.

Емотивно на судот му го раскажа и периодот што претстоел меѓу двете бомби.

„Ми беше многу тешко, живеев стресно, со сопругот забележавме дека пријателите и колегите не одбегнуваат бидејќи се плашеа да се во наше присуство. Кога се враќав од работа, колегите ме испраќаа до врата, а сопругот ме пречекуваше. Секогаш кога ќе имав телефонски повик од моите од Кочани, мислев дека некој ги нападнал, навредил или испровоцирал“.

11:10 – Пред судскиот совет пристапи оштетената Јанка Стоименова, сопругата на оштетениот Драганчо Стоименов за кој обвинителството ги товари обвинетите дека во неколку наврати се обиделе да го убијат поставувајќи му експлозивни направи под возилото. Во детали објасни како обвинетите Сашко Стојчев, Жан Железарски, Горан Божиновски, Јорданчо Михајлов и Симеон Михаилов, 3 години вршеле притисоци и закани врз нејзе лично и нејзиното семејство. Ги потврди раскажувањата на нејзиниот сопруг за инцидентот во нивното кафуле  во Кочани што се случил на Велигден, телефонските пораки што биле упатени до нејзното семејство со закани за ликвидација на нејзиниот сопруг. На судот му раскажа и како преку „Фејсбук“ обвинетите и се исмејувале, се заканувале и забранувале да се движи ниц центарот на Кочани. Тврди дека обвинетите се заканувале и на нејзините внуци, ги навредувале и ги омаложувале. За првообвиентиот рече дека прв пат  слушнала кога добила предупредување од обвинетиот Железарски кој во телефонски разговор наводно и рекол дека „Горанец“ бара човек во селото Дупница за да го ликвидара нејзиниот сопруг.

11:00 – Старт на рочиштето. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.