/ Прочитано:

2.603

Судење „Детонатор“: Обвинетите тврдат дека разговарале за мед, протеини, ургенции за вработување кај сопругата на обвинетиот Кузмановски

Четврток, 20 септември 2012 – Заврши распитот на обвинети. Исказ денеска дадоа петмина обвинети. Највпечатлив беше исказот на дванаесетообвинетиот Горан Кузмановски, кој тврди дека еден од обвинетите му се јавувал за ургенции за вработување кај неговата сопруга која е пратеник. Според транскриптите на обвинителството постои снимен телефонски разговор меѓу Кузмановски и уште еден обвинет, каде Кузмановски го предупредува групата да ги смени телефоните бидејќи истите биле прислушкувани. Споменат беше и разрешениот командир на СВР Штип Звонко Каширски. Според транскриптите, Кузмановски давал инструкции да се соберат информации за сите фирми што ги поседувале Каширски и неговото смејство. На следното рочиште се очекува пред судот да сведочат брачниот пар Драганчо и Јанка Стоименови во својство на оштетени лица. 

Предметот се води против 16 обвинети кои беа уапсени во првиот наврат во акцијата на МВР, „Детонатор“. Обвинителството ги гони за обид за убиство, злосторничко здружување, перење пари, затајување на данок, лихварство, насилство и измама. Двајца од обвинетите се наоѓаат во бегство.

Тек на рочиштето

14:25 – Заврши распитот на 14 обвинети. За следното рочиште закажано за 5.10.2012 година во 10:30 часот, се очекува пред судот да сведочат брачниот пар Драганчо и Јанка Стоименови во својство на оштетени лица.

13:50 – Исказ пред судијата дадоа обвинетите Анѓел Андонов и Горан Наунов. Андонов и Наунов исто како и останатите негираа припадност на злосторничко здружување, а обвинетите од Виница како што наведуваат ги знаеле бидејќи се нивни сограѓани

13:10 – Обвинетиот Димитар Јованов рече дека никогаш од ниту еден обвинет не слушнал за некаков план со кој требало да се ликвидира оштетниот Драганчо Стоименов. Јованов наведе дека работел обезбедување во дискотеката „Ефект“ во Виница чии сопственик е првообвинетиот Игор Горански. Со него имал како што вели деловни контакти, понекогаш заедно пиеле кафе, тврди дека разговорите биле околу работата во дискотеката. Другите обвинети рече дека делумно ги познава само од видување. Со неколку обвинети имал телефонски разговори, но наводно  само поради тоа што тие му носеле протеини и витамини од Бугарија. 


12:15 –  Пауза до 12:45 часот.


11:40 –   Тринаесетообвинетиот Сашко Стоименов, вели дека за оружејто што било пронајдено кај него, имал дозвола, а другиот пиштол бил на татко му кој исто така поседувал дозвола, Во врска со пронајдената муницијата наведува дека била ислучиво ловна. Тврди дека обвинетите делумно ги познава, а делумно не. Раскажа дека исто така барал од обвинетиот Кузмановски, неговата сопруга пратеничка да го вработи.

10:55 Главниот претрес го отвори дванаесетообвинетиот Горан Кузмановски. Тврди дека не сторил ниту едно од делата кои му се стaваат на товар. Не му јасно на кој начин станал член на групата. Вели дека го знае само четвртообвинетиот Горан Божиновски кој е братучед на неговата сопруга, пратеничката  Бети  Кузмановска.

Според транскриптите на обвинителството постои снимен телефонски разговор меѓу обвинетиот Божиновски и Кузмановски, каде Кузмановски го предупредува целата група да ги сменат телефоните бидејќи биле прислушкувани.

Кузмановски не го негира телефонскиот разговор, но како што вели му рекол на Божиновски повеќе да не му се јавува за да фаќа ургенции кај неговата сопруга за вработување, бидејќи Божиновски не го поканил на свадба, а од како неговата сопруга станала пратеничка се јавувал само за услуги. Во телефонскиот разговор се споменува и командирот на СВР Штип, Звонко Каширски. Според истите, Кузмановски му давал инструкции на Божиновски тој да собере информации за сите фирми кој ги поседувале Каширски и неговото смејство во источна Македонија. Освен тоа Кузмановски барал уште една услуга, односно преку магацинските простори на Каширски да го дистрибуира медот што го произведува. На прашањето зошто тој не му се обратил лично на Каширски, Кузмановски одговори дека не го познава, но имал сознанија дека Божиновски е во одлични односи со него.

Судијата на неколку пати го опомена обвинетиот дека неговите семејни контакти не се прдемет на судењето и обвинението.

Обвинетиот во текот на распитот уште еднаш потенцираше дека ниту еден друг од обвинетите не познава, освен Симеон Михаилов кој како што вели пред 8 години физички го нападнал, затоа што ја земал за сопруга поранешната девојка на Кузмановски. За оружјето пронајдено во неговиот дом, вели дека го чувал како антиквитет и му е наследство од неговиот дедо.

 10: 50Рочиштето почна. Условите за одржување на главен претрес се исполнети.