/ Прочитано:

1.229

Судење „Фими медиа“: За црниот фонд на ХДЗ слушнав од медиумите — тврди поранешниот министер за надворешни работи во владата на Санадер

Понеделник, 25 февруари 2013 – Судскиот процес за досега најголемата корупциска афера во Хрватска, „Фими медиа“, продолжи со сведоци на одбраната – звучни имиња од редот на министрите во владата на Санадер. На клупата за сведоци денеска седна Гордан Јандроковиќ поранешен вицепремиер и министер за надворешни работи и евроинтеграции на Хрватска кој тврди дека за т.н. црн фонд на ХДЗ или извлекување на пари од државните институци и  претпријатија преку маркетинг агенцијата Фими медиа слушнал за првпат во 2009 година од медиумите. 

Според сведочењето на Јандроковиќ иако Министерството за надворешни работи во три наврати соработувало со „Фими медиа“, наводно никој во ниту еден случај не побарал од државните институции стриктно оваа фирма да биде ангажирана. Сведокот посочи дека се работи за организација на две конференции и графичка изработка на роковник за што биле одвоени 70 илјади куни. Според раскажувањето на Јандроковиќ  откако почнало во медиумите да се пишува за  „Фими медиа“ ги прашал неговите соработници зошто е одбрана оваа фирма на што тие му одговориле дека се работело за мали работи за кои биле прибрани повеќе понуди, но дека онаа на „Фими медиа“ била најповолна. Укажа дека деталите не го интересирале, откако утвдрил дека сѐ било одработено согласно законот.

Според поранешниот министер за надворешни работи на Хрватска, на ХДЗ не и требал црн фонд бидејќи во изборна година партијата имала буџет од 40-50 милиони куни прибрани од членарини, донации и државниот Буџет.

Како и останатите сведоци на одбраната, а спротивно на исказот на дел од сведоците на обвинителството Јандроковиќ  кажа дека сите членови на обвинителството биле самостојни во донесувањето на одлуките.

Судскиот процес продолжува утре со сведочењето на Дамир Поланчец, поранешен министер за економија и потпретседател на Владата на Санадер.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Голем дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.