/ Прочитано:

1.127

Судење „Фими медиа“: „Фими медиа“ порачуваше и плаќаше опрема наменета за ХДЗ, велат сведоците

Вторник, 6 ноември 2012 – На денешното рочиште сведочеа уште тројца сведоци кои потврдија дека маркетинг агенцијата „Фими медиа“ порачувала опрема од нивните фирми, наменета за ХДЗ.

Прва сведочеше, Сунчица Перковиќ, сопственичка  на фирмата „Студио бонус“. Според, Перковиќ, соработката помеѓу двете фирми траела од 2006 до 2009 година. Во овој период како што вели, за  „Фими медиа“ 4 пати испорачале пенкала во вредност од 39 илјади куни.

Слично беше и сведочењето на останатите двајца сопственици на фирми кои соработувале со „Фими медиа“. Велат дека маркетинг агенцијата порачувала најразлична опрема од нив, наменета за поранешната владејачка партија на Хрватска. Според кажувањата на сведоците  фактурите биле уредно подмирувани.

Судењето продолжува на 19 ноември за кога е предвидено да бидат испитани уште 4 сведоци.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Голем дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.