/ Прочитано:

1.184

СУДЕЊЕ „Фими медиа“: Да сум виновен, никогаш немаше да го напуштам премиерското место, Санадер изнесe дел од својата одбрана

Понеделник, 30 септември 2013 – Поранешниот премиер и претседател на ХДЗ, Иво Санадер, денеска, по повеќе од година и пол колку што траеше доказната постапка за случајот „Фими медиа“, изнесе дел од својата одбрана. Некогаш најмоќниот политичар во Хрватска, против кого се водат повеќе судски постапки, тврди дека се работи за политички монтиран процес, каде нема ниту еден доказ кој ја потврдува неговата вина. Санадер, смета дека му било ускратено правото да се брани од слобода, како и дека константно во текот на постапката му биле прекршувани правата.

„Да се почитуваше законот ќе се бранев од слобода. УСКОК беше должен сите постапки да ги спои во еден обвинителен акт, бидејќи тие не го сторија тоа, требаше судот, законот го предвидува ова“, истакна Санадер, тврдејќи дека УСКОК намерно поднесувале обвиненија против него на секои шест месеци, со цел да се создаде впечаток во јавноста дека се работи за „многу голем криминал“.

Судијката Ивана Чалиќ, пак, на ова му одговори дека е во затвор бидејќи се почитува законот, односно дека е осуден на 10 години затвор за случаите  „Хипо банка“ и „ИНА МОЛ“.

Поранешниот премиер, во своја одбрана истакна дека е жртва на политички монтиран процес на чиј нарачател е неговата некогашна најблиска сопартијка Јадранка Косор. Според него, исказите на сведоците се дадени под притисок, а  сето ова е овозможено со помош на медиумите кои, како што рече, однапред го осудиле.

Санадер истакна дека круна на неговата работа се членството на Хрватска во ЕУ и НАТО и дека за тоа не бара било каква благодарност, но сака да му се овозможи правото на одбрана, на презумпцијата на невиност и фер судење.

„Мојот кривичен прогон е предизвикан од политички причини и побуди. Доведен сум во ситуација, како премиер со најдолг мандат да бидам осуден како прв и единствен воен профитер во Хрватска. Рекорд за во Гинисовата книга на рекордите, иако го плаќам крваво, со мојата кожа и слобода“, рече експремиерот на Хрватска.

Наведе дека не го сторил она што му се става на товар, бидејќи во тој случај немало да даде оставка од премиерската функција.

„Да сум на власт, Младен Баришиќ не би се осудил да лаже, ниту пак Бајиќ ќе се осудеше да покрене шест обвинениеја против мене“, му се обрати на судот Санадер, истакнувајќи дека си отишол од политиката бидејќи бил уценуван околу границата со Словенија.

„А договорот, што Косор го потпиша со Пахор, тек ќе ни дојде за наплата. Дај Боже да не останеме без територија“, истакна тој.

Според него, обвинителството нема докази да го докаже своето обвинение, тврди дека истото е темелено на небулозните искази на обвинетите кои ја признаа вината.

Дека постапката против него е иницирана од Јадранка Косор, како рече, докажува и писмото, кое пред подигнувањето на првото обвинение против него, неговата наследничка го испратила до Европската комисија, а во кое се вели дека „УСКОК покренува многу обвиненија и иницира истраги, а меѓу другите и против поранешниот премиер“.

„Претседателството беше политички мозок во партијата, додека главниот секретар Иван Јарњак“, ја водеше во оперативна смисла, рече Санадер и ги отфрли тврдењата дека бил врховен авторитет во ХДЗ.

Обвиненијата во овој предмет, каде Санадер е првообвинет, ги признаа: поранешниот шеф на хрватската Царина Младен Баришиќ, сопственичката на маркетинг агенецијата „Фими медиа“ Невенка Јурак, и поранешната благајничка на ХДЗ Бранка Павошевиќ. Освен, експремиерот, единствено поранешниот портпарол на ХДЗ Ратко Мачек тврди дека е жртва на политички прогон.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и директор на Царинската управа на Хрватска –Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ .  Дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.