/ Прочитано:

1.184

СУДЕЊЕ „Фими медиа“: Ќерките на Санадер одбија да сведочат

Среда, 27 ноември 2013 – Во продолжение на судскиот процес за најголемата корупциска афера во Хрватска, „Фими медиа“, требаше да сведочат ќерките на експремиерот и првообвинет во овој случај, Иво Санадер“, но и двете се повикаа на законската можност да не сведочат. 

Ќерките на Санадер беа повикани на суд поради нивните сметки во банка кои се опфатени со предлогот за проширено одземање на имотот, односно кои беа блокирани по покренувањето на кривичната постапка против нивниот татко. Петра Санадер беше предвидено да сведочи  за три сметки на кои има околу 58 илјади евра, 1000 франци и 39 илјади долари, додека Бруна Санадер за сметките на кои има околу 34 илјади евра, 1000 франци и 925 долари.

Пред судскиот совет, во понеделникот, како сведок не се појави таткото на сопругата на Санадер, Иво Шариќ. Како причина за неговото недоаѓање беше наведена влошената здравствена состојба, но судот не ја прифати приложената медицинска документација. Судијката Ивана Чалиќ наложи да биде донесена нова документација во спротивно на рочиштето закажано за 2 декември тој ќе биде донесен со полиција.

Сопругата на Санадер исто така беше повикана во улога на сведок, но нејзиното отсуство ополномоштеници го оправдаа наведувајќи дека таа заминала на стручен симпозиум. Судијката поради ова ја казни Мирјана Санадер со 5.000 куни.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и директор на Царинската управа на Хрватска –Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ .  Дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.