/ Прочитано:

1.090

СУДЕЊЕ „Фими медиа“: Мачек го предупредил Санадер дека новинарите зборуваат за „Фими медиа“, сведочи поранешниот државен секретар

Понеделник, 20 мај 2013 – Во продолжение на судскиот процес за досега најголемата корупциска афера во Хрватска, „Фими медиа“, каде првообвинет е експремиерот на Хрватска Иво Санадер, сведочеше поранешниот државен секретар Мирослав Ковачиќ. Според Ковачиќ, портпаролот на санадеровата влада, а сега третообвинет Ратко Мачек уште во 2007 година го предупредил експремиерот дека во новинарските кругови се зборувало за блискоста на тогашната влада со маркетинг агенцијата „Фими медиа“ по која е именувана аферата.

„Мачек во два наврати го предупреди Санадер дека во новинарските кругови се зборува за тоа дека „Фими медиа“ добива несразмерно многу зделки со државата“, рече Ковачиќ во својот исказ. Инаку поранешниот хрватски државен секретар по своето заминување од владата и самиот основа маркетинг агенција.

Според зборовите на сведокот, Мачек наводно на Санадер му рекол дека медиумите ја поврзуваат „Фими медиа“ со Младен Баришиќ, поранешниот директор на хрватска Царина и второобвинет кој во истрага призна дека учествувал во извлекувањето на парите од јавните претпријатиа и институции со цел полнењето на т.н. црн фонд на партијата, но  според наводите на УСКОК и џебот на Санадер.

Ковачиќ тврди дека при првото предупредување, Санадер не реагирал, но при второто наводно рекол дека ќе разговара со Баришиќ.

На прашање на одбраната рече дека нема сознанија дека „Фими медиа“ примала некакви донации од ХДЗ, ниту пак дека услугите и биле исплаќани незаконски.

Спротивно на исказот на второобвинетиот Баришиќ, рече дека со Мачек никогаш не подигнале 90.000 евра од просториите на Царинската управа наменети за ирската фирма која работела на кампањата на ХДЗ во 2007 година.

Исто така ги негираше наводите на ексдиректорот на хрватската Царина дека откако ја со Мачек ја формирале својата маркетинг агенција работеле за претседателската кампања на ХДЗ.

Иако требаше да сведочи  и поранешниот директор на „Кроциа осигурување“ Хрвоје Војковиќ, тој не се појави на рочиштето, па одбраната отстапи од негово испитување. 

Судскиот процес продолжува утре за кого е закажано сослушување на тројца сведоци на одбраната.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и директор на Царинската управа на Хрватска –Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ .  Дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Повеќе за предметот прочитајте тука.