/ Прочитано:

1.052

Судење „Фими медиа“: Ми беше наредено „Ина“ да соработува со „Фими медиа“, тврди поранешниот директор во Ина, Томислав Штенгл

Среда, 3 октомври 2012 – На клупата за сведоци денеска Томислав Штенгл, поранешен директор на Секторот за корпоративни комуникации во „Ина“. Вели дека под притисок морал да потпише договор за соработка со маркетинг агецијата „Фими медиа“.

Томислав Штенгл (средина)

„Во летото 2006 година, членот на Управата на Ина, Јосип Петровиќ ми наложи дека морам да ја примам на разговор сопственичката на „Фими медиа“, Невенка Јурак заради соработка на Ина со оваа маркетинг агенција. До тогаш „Фими медиа“ не ми беше позната, а од разговорот со Јурак сфатив дека оваа фирма нема капацитет за да ги врши маркетиншките работи на Ина“, истакна Штенгл во своето сведочење. Според поранешниот директор,  иако тој се противел на оваа соработка, бил притисок од Петровиќ кој пак наводна оваа директива ја добил од второобвинетиот Младен Баришиќ,  поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа. 

„По налогот на Петровиќ направив предлог за промотивни активности, што„Фими медиа“ би можела да ги изработи при отворање на бензиски пумпи, додаде Штенгл. 

Сведокот не знаеше да каже дали соработка со „Фими медиа“ продолжила по 2007 година, бидејќи тој отишол на друга позиција, но го потврди исказот даден во истрага дека Јурак сакала да ја прошири соработка со Ина, преку уредување на саемските штандови за оваа компанија притоа барајќи за истото енормно високи суми. 

Судењето продолжува на 8 октомври. 

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.