/ Прочитано:

1.143

СУДЕЊЕ „ФИМИ МЕДИА“: „Ни Сталин вака не водел судски постапки!“ — Санадер и во завршниот збор се пожали дека е жртва на политички прогон

Вторник, 4 март 2014 – Експремиерот на Хрватска, Иво Санадер, денеска во својот завршен збор на судењето за случајот „Фими медиа“, каде е првообвинет, побара од судот ослободителна пресуда. 

Со завршните зборови на одбраната во загрепскиот Жупаниски суд продолжи судскиот процес за најголемата корупциска афера во Хрватска  „Фими медиа“. 

Некогаш најмоќниот човек во Хрватска, Иво Санадер, за кого УСКОК бара максимална казна предвидена со закон, како и конфискација на имот во вредност од  3.097.353 евра за случајот „Фими медиа“, побара од судот ослободителна пресуда, велејќи дека тој и неговите адвокати докажале дека тој не е виновен.

„Се работи за најинтригантната постапка, во која јас сум во центарот на вниманието соочен со монструозни обвиненија. Докажавме дека не сум крив, сѐ се темели на изказите на другите обвинети, а ние донесовме сведоци кои го демантираа ова и затоа предлагам ослободителна пресуда. Следува лов на вештерки. Никаде нема докази, нема сведоци, нема мој потпис, ги нема тие пари…“, рече Санадер во својот завршен збор.

„Предметите против мене доаѓаат како на подвижна трака бидејќи Бабиќ доби наредба од Јадранка Косор за мој политички прогон, а тоа е можно само со притисоци врз обвинетите и сведоците. Некои не се сложија на тоа. На пример Дамир Поланчец, нему му нудеа „речи дека Санадер…“, но тој не се согласи, секоја чест!“, додаде поранешниот премиер.

Санадер е дециден дека Обвинителство не го докажало обвинението.

„УСКОК не може да докаже дека сум земал пари, па сега докажувај го цел живот. Без разлика што бев премиер и министер и сѐ друго, докажи го целиот твој имот! Вака ни Сталин не водел постапки, како што ги води хрватското Обвинителство!“, истакна тој.

Во завршниот збор, УСКОК се потсмеваа на мојот живот во Австрија, како и на фактот дека сум работел од сѐ по малку. УСКОК нема да ја пишува хрватската историја. УСКОК тука изведува нешто што би можело да се нарече „blame game“ и глуми посрамотеност!“, заклучи експремиерот на Хрватска и поранешен претседател на партијата ХДЗ.

Адвокатот Продановиќ: Санадер, напротив, укажувал на незаконитости!

Адвокатот на Санадер, Чедо Продановиќ рече дека во текот на постапката не се докажани кривичните дела за кои Санадер се товари  и дека обвинението не го потврдиле ниту голем дел од сведоците.

„Тврдењата дека Санадер организирал криминална група со цел да прибави противправна материјална корист, не се точни. Напротив, Санадер укажувал на незаконитости кога добивал такви сознанија, па така побарал и разрешување на Бранка Павошевиќ кога дознал дека таа не ја врши правилно својата работа, како шеф на сметководство во ХДЗ “, истакна Продановиќ.

Продановиќ наведе дека целото обвинение се темелело само на основа на сведочењето Младен Баришиќ, кој 21 пат даде исказ и тоа, според бранителот, истите биле полни со противречности.

„Материјални докази нема, а на основа на неверодостојниот Баришиќ не може да се изрече осудителна пресуда“, потенцираше Продановиќ.

Тој додаде дека повеќе од 50 сведоци во постапката го негирале исказот на Баришиќ , како и дека дел  сведоците го негирале тврдењето дека поранешниот премиер на состанок во Владата на директорите на јавни претпријатија им наредил соработка со „Фими медиа“. Судскиот процес, кој трае веќе 2 години, продолжува утре со завршните зборови на останатите обвинети од кои само Санадер и поранешниот портпарол на ХДЗ Ратко Мачек негираат вина.

Партијата ХДЗ преку своите правни застапници вчера побара ослободителна пресуда. Одбраната повтори дека партијата впрочем е оштетена во аферата преку делувањето на поединци надвор од неа за сопствениот „џеб“.

Инаку против Санадер се водат повеќе постапки за корупција. Досега само за  обединетиот  предмет за случаите „Ина-Мол“ и „Хипо банка„ е донесена првостепа пресуда. Со оваа пресуда тој беше осуден на единствена казна затвор од 10 години за воено профитерство и за земање на мито во висина од 10 милиони евра од шефот на унгарската компанија „МОЛ“ со цел препуштање на мнозинските права во петролејската компанија „ИНА“.

 „Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и директор на Царинската управа на Хрватска – Младен Баришиќ, поранешниот портпарол на ХДЗ – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ. Дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

> Повеќе за предметот прочитајте тука.