/ Прочитано:

1.254

СУДЕЊЕ „Фими медиа“: Не е вистина дека ХДЗ ме поткупиле, тврди хрватскиот пејач Томсон

Вторник, 2 април 2013 – Судскиот процес за досега најголемата корупциска афера во Хрватска, „Фими медиа“, продолжи со сведоци од редот на хрватските пејачи, но и поранешни претседател на Хрватската партија на пензионери.  Иако денеска требаше да сведочи и Мишо Ковач, пејачот повторно не се појави на главниот претрес од здравствени причини.

Прв сведочеше хрватскиот пејач Марко Перковиќ – Томсон, кој според обвинителството бил исплатен со средства од наводниот црн фонд на ХДЗ, со цел за да се воздржи од настапи за крајно десничарскиот табор, а од причина да не однесе многу гласови. Спротивно на тврдењето на поранешениот директор на хрватската Царина, второобвинетиот Младен Баришиќ, Томсон тврди дека е невистинито тврдењето дека летото 2007 година му  му биле исплатени половина милион куни токму во Царинската управа. 

„Никој никогаш не ми дал пари. За мене беше шок кога ја слушнав изјавата на М. Баришиќ. Од тој момент имам проблеми и не знам кој е неговиот мотив бидејќи не се познаваме и никогаш не сме се виделе“, рече на судењето Томсон. 

Тој потврди дека 2007 година бил под надзор на Даночната управа  2007 години бидејќи му е утврден диспаритет во висина 1,3 милиони куни, но дека данокот е платен, а Даночната управа ја тужел пред Управниот суд. 

Главниот претрес продолжи со сведочењето на поранешниот лидер на Партијата на хрватските пензионери, Владимир Јордан, за кого Баришиќ, исто така, сведочеше дека добил пари од црниот фонд на партијата.

Јордан рече дека ниту тој, ниту партијата не барале финансиска помош од ХДЗ, а исказот на обвинетиот Баришиќ дека тој лично во 2007 година му дал половина милион куни го нарече лажен.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и директор на Царинската управа на Хрватска –Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ .  Дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.