/ Прочитано:

1.048

Судење „Фими медиа“: Сведочеше познатата хрватска пејачка Нина Бадриќ — тврди дека ХДЗ хонорарите за предизборните настапи и ги исплаќале најрегуларно

Вторник, 12 февруари 2013 – Во продолжение на судскиот процес за досега најголемата корупциска афера во Хрватска, „Фими медиа“ сведочеше хрватската пејачка Нина Бадриќ. Бадриќ која е сведок на одбраната тврди дека хонорарите за настап за време на кампањата на ХДЗ ги добивала на сметка, а не на рака од наводниот црн фонд како што тврди обвинителство.

На клупата за сведоци денеска седна хрватската пејачка Нина Бадриќ. Наспроти наводите на обвинителството и некои претходни сведоци дека хонорарите на пејачите кои настапувале за време на кампањата на ХДЗ биле плаќани од т.н. црн фонд, тврди дека таа парите ги примала исклучиво на сметка. Се работи за сума од 10.000 евра за десет предизборни настапи по различни градови каде Бадриќ пеела заедно со останатите пејачи кои биле вклучени во кампањата на ХДЗ. Околу договорот за висината на хонорарите вели дека разговарала со Бјанка Матковиќ тогашен министер без ресор и шеф на кабинетот на Иво Санадер. Со тогашниот претседател на ХДЗ и првообвинет Иво Санадер вели дека имала кратка средба во владата на која испиле по едно кафе и тој и се заблагодарил што настапува за ХДЗ.

Освен за овие настапи за кои како ште вели била исплатена преку фактура, Бадриќ посведочи за уште два самостојни настапи кои ги оддржала во рамките на предизборната кампања на ХДЗ. За овие настапи таа пред судот рече дека разговарала со Младен Баришиќ, поранешниот благајник на ХДЗ и тогашен шеф на хрватската Царина. Според зборовите на хрватската пејачка, Баришиќ кој е второобвинет и ја призна вината која му се става на товар, и посочил фактурата за овие настапи која  гласела на износ од 5.000 евра да ја достави на име на фудбалскиот клуб  „Хрватски Драговољац“.

„Никој ништо не праша, за мене ова беше деловен ангажман, ја доставив фактурата и се беше платено. Не прашав преку кого ќе биде исплатена истата“, рече Бадриќ посочувајќи дека иако за ова се пишувало во медиумите никогаш од УСКОК не ја викнале даде исказ во претходна постапка.

„Ова е првпат некој да ме викне да дадам исказ, ви благодарам“, рече таа одговарајќи на прашањата на  адвокатите на Санадер кои впрочем и ја  викнаа да сведочи.

Судскиот процес продолжува на 18 февруари, предвидено е да сведочат Миомир Жужул, поранешен министер за надворешни работи на Хрватска и Иван Шуќер поранешен министер за финансии и актуелен пратеник на ХДЗ.

„Фими медиа“

Првообвинет во овој предмет е екс-премиерот на Хрватска, Иво Санадер. Она што го прави историско судење е фактот што на клупата за обвинети, за прв пат седна и политичка партија, односно Хрватска демократска заедница (ХДЗ). Меѓу обвинетите се и поранешниот благајник на ХДЗ и екс-директор на хрватската Царинска управа – Младен Баришиќ, некогашниот портпарол на Владата на Хрватска – Ратко Мачек, сметководителот на ХДЗ – Бранка Павошевиќ и сопственичката на маркетинг агенцијата „Фими медиа“ – Невенка Јурак. УСКОК ги товари дека проневериле најмалку 10 милиони евра јавни пари за создавање црн фонд од  кој меѓу другото била наводно финансирана изборната кампања на ХДЗ . Голем дел од обвинетите ја признаа вината, а  има и такви кои ја признаа вината и се спогодија со УСКОК уште пред да почне судењето.

>> Прочитај повеќе за предметот.