/ Прочитано:

1.204

СУДЕЊЕ ГРУЕВСКИ – ЗАЕВ: Судот не ја прифати како доказ аудио-снимката за „Македонска банка“

Четврток, 3 јули 2014 – Речиси пет часа траеше подготвителното рочиште по тужбата за клевета и навреда која премиерот Никола Груевски ја поднесе против лидерот на СДСМ Зоран Заев за случајот „Македонска Банка“. Судот не прифати како доказ да се изведе аудио-снимката што Заев ја пласираше во јавноста, а го отфрли и предлогот на одбраната за сослушување на Ден Дончев, кој според адвокатите е еден од соговорниците на снимката. Како сведок на одбраната, единствено беше прифатено да се сослуша контровезниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ-Нини кој воедно и ја купи „Македонска Банка“. На решението со кое формално почна рочиштето му претходеше час и половина расправа на предлози и приговарања од страна на адвокатите. Во судница не се појавија, ниту Груевски, ниту Заев.

Пред почетокот на рочиштето одбраната го извести Судот дека непосредно  пред да влезат во судница примиле важен доказ за предметот за што побараа одложување на рочиштето за 8 дена.

„На 20  јуни односно минатиот месец, еден ден по започнувањето на овој судски процес од судот побарав да ми го достави решението за ликвидација на ‘Македонска банка’, а го добив додека во холот чекав да влезам во судница. Во исто време, колегата кој го застапува приватниот тужител, истото тоа решение го добил по само 24 часа откако поднел барање да му биде доставено истото тоа решение“, рече адвокатот Оливер Ристевски.

Никола Додевски, адвокатот на Груевски, ова го протолкува како обид на одбраната по секоја цена да го одложи рочиштето.

„Тужената страна го злоупотребува процесното право и се обидува по секоја цена да го одложи процесот што според мене докажува дека тие не се подготвени да се соочат со судот. Ова тврдење го базирам и на обидот на ист начин поради доставување на поднесоци на тужбата да се одложи и првото рочиште“, истакна Додевски.

За адвокатите на Заев беше спорно и тоа што сè уште не е правосилно решението на Обвинителството за организиран криминал и корупција за одбивање на кривичната пријава поднесена од страна на СДСМ.

Додевски, пак, посочи дека Обвинителството веќе се произнело по кривичната на СДСМ, а жалба по одлуката на обвинителство, како што рече, можело да поднесе само оштетената страна што во случајот не е СДСМ.

„Не се точни наводите дека против донесеното решение право на жалба има само оштетениот, во овој случај приватниот тужител. Овде се работи за кривични дела од областа на јавните финансии и единствено кој може да е оштетен, тоа е државата, а надлежен за заштита на државните интереси е Државното правобранителство“, рече адвокатот Филип Медарски, дел од адвокатскиот тим на Заев.

Судот ги одби ваквите предлози и донесе решение за отпочнување на подготвителното рочиште, а на тужената страна и даде можност за новопримените докази да се произнесе подоцна во текот на постапката.

Рочиштето почна со излагање на тужбата со која  премиерот Никола Груевски од Зоран Заев бара половина милион евра отштета за нарушување честа и угледот.

Адвокатот Додевски, образложувајќи ја тужбата нагласи Заев ги изнесувал невистини за да се стекне со подобра позиција, а тоа, како што рече, се поткрепува и со фактот дека ја пласирал аудио-снимката во јавност за време на изборната кампања.

Додевски побара Судот да не ја прифати аудио-снимката и транскриптите од неа како докази од страна на тужениот. Според него овој доказ е нерелевантен за предметот и е прибавен на начин спротивен на законот и на Уставот.

„Доколку судот го прифати овој доказ тоа ќе има несогледливи последици по правниот систем во Македонија. Секој ќе може да се однесува како приватен обвинител, приватен судија, приватен спроведувач на законот и давател на наредби“, објасни Додевски.

Медарски, пак, посочи, дека снимките се интегрален дел на прес конференциите што ги давал Заев во врска со содржината на истите, односно дека на нив тој изнесувал делови од споменатото видео. Во врска со наводите на Додевски дека видеата не може да претставуваат доказ според законот, застапникот на Заев истакна дека тие се прибавени според Законот за следење на комуникациите и Законот за кривична постапка.

Додевски пред судот го постави и прашањето за сведоците и побара одбраната да се изјасни дали останува на одлуката да се сослушаат двајцата сведоци Јовица Стефановиќ – Нини и Ден Дончев, со оглед на тоа што, како што рече, за едниот немаат адреса, а другиот живее во Австралија. На тоа одбраната одговори дека Дончев е подготвен да дојде во Македонија да сведочи, а Законот предвидува дека може да биде сослушан и во Австралија. Како што појаснија адвокатите на Заев, Дончев е лицето чиј глас се слуша на снимката и кое ја договара наводната провизија од 1,5 милиони евра. 

Одбраната потенцираше и дека токму еден од предложените сведоци му ја дал снимката на Заев.

Судот не прифати како доказ да се изведе аудио-снимката што Заев ја пласираше во јавноста, а го отфрли и предлогот на одбраната за сослушување на Ден Дончев, кој според адвокатите е еден од соговорниците на снимката. Како сведок на одбраната, единствено беше прифатено да се сослуша контровезниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ-Нини кој воедно и ја купи „Македонска Банка“.  

Главната расправа со изведување на докази ќе започне на  1 септември, а рочиште е закажано и за 2 септември за кога е предвиден и распит на Груевски и Заев. Многу е извесно дека на 2 септември ќе биде познат и исходот од судската постапка. 

Груевски го тужи Заев клевета и навреда бидејќи, како што тврди тој, не учествувал и не зел поткуп од 1,5 милиони евра при продажбата „Македонска банка“. Премиерот Груевски бара половина милион евра отштета.

Инаку денешната „битка“ во судница се водеше во отсуство на премиерот, кој е во Хонг Конг, но и во отсуство на лидерот на опозицијата поради учество на првата трибина од дејствувањето надвор од институциите која денеска се одржа во Скопје.

E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk