/ Прочитано:

1.663

СУДЕЊЕ – МУЗЕЈ: Принципот на „еднаквост на оружјето“ го одложи стартот на судскиот процес за септември

Понеделник, 21 јули 2014 – По барање на бранителите кои, како што рекоа, немале увид во списите од доказите, стартот на судскиот процес за исчезнувањето на артефактите од  Музејот на Македонија што ќе се води по новиот ЗКП, Судот денеска го одложи за 3 септември.  „Врз основа на што е изготвено обвинението ако предметите што недостасуваат сè уште не се пронајдени“, прашува одбраната.

Бранителите, како што рекоа, од страна на Јавното обвинителство не им биле доставени списите од исказите на сведоците дадени во истрага, како и списите од материјалните докази. Одбраната истакна дека од суштинско значење за подготвување на нивната одбрана како и подготовката на воведните говори е запознавањето со доказите. 

„Во повеќе наврати се обративме до Јавното обвинителство за исказите на сведоците, материјалните докази, како и вештиот наод. Поради принципот на еднаквост на оружјето списите мора да ни бидат доставен пред стартот на главната расправа“, рече Светлана Савиќ, бранител на првообвинетиот. 

Судот донесе решение со кое им даде рок од еден месец на бранителите да ги прибават списите на предметот, како и да извршат увид во истите.

Предметите не се најдени, јавноста се доведе во заблуда со веста дека се најдени крадците!

„Сите знаете со какви наслови ја објавивте веста за апсењето на овие луѓе – „откриени се крадците од Музејот на Македонија. Ако го погледнете обвинението ќе видите дека таму не е откриено каде се отидени тие артефакти. Предметите не се најдени и се доведе јавноста во заблуда со лиферувањето на веста дека се најдени крадците“, изјави бранителот Стерјо Зиков по одлагањето на судењето. 

 Адвокатите забележуваат и на долгото траење на истражната постапка, особено поради фактот дека обвинетите се во притвор.

„Постапката е почната на 28 февруари, еве Обвинителството се’ уште не сфати дека мора да и ги доставува доказите на одбраната, тоа е основно право на одбраната. Разбираме дека е ова нов  закон,  нови принципи,  но гледате сето ова е на штета на овие обвинетите“, подвлече Зиков. 

Со обвинението се опфатени седум лица меѓу кои и поранешниот и сегашниот директор на Музејот, програмски директор, виш кустос, ракувач на депо и златар. Двајца од обвинетите се товарат за „Отуѓување на културно наследство од особено значење во државна сопственост“, еден за „Несовесно работење во службата“,  додека другите за „Злоупотреба на службената положба“.

Исчезнувањето на артефактите од Музејот на Македонија беше обелоденето во ноември минатата година. Според истрагата од Музејот недостигаат околу 166 артефакти.

(E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)