/ Прочитано:

1.653

СУДЕЊЕ МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА: Обвинителството бара казни за вработените — предметите и крадците сè уште не се најдени

Петок, 6 март 2015 – „Обвинетите ги сториле дејствата наведени во обвинителниот акт и поради тоа треба да бидат прогласени за виновни и да бидат осудени во согласност со законот“. Ова го побара обвинителката Лиле Стефанова во завршниот збор на судењето за исчезнувањето на артефактите од Музејот на Македонија, за што им се суди на вработени во оваа установа за несовесно работење поради што, според  Обвинителството, дошло до одземање на 162 предмети од непознат сторител.

Судскиот процес за овој случај, кој одекна силно во јавноста, стартуваше на почетокот на септември минатата година. Иако беше спектакуларно најавен, а обвинетите беа посочувани како осомничени за кражба на 162 артефакти од Музејот на Македонија, случајот во судница доби сосема друга димензија. Сè уште не се најдени ниту предметите, ниту сторителите на кражбата, а на обвинителната клупа за несовесно работење седнаа програмскиот директор на Музејот и кустос Златко Видески и ракувачот на депото Софка Кушовска-Сафитли.

Според Обвинителството, Видески и Кушовска-Сафитли дозволувале во депоата да влегуваат надворешни соработници и други вработени без присуство на кустос и без писмени овластувања, што е спротивно на музејските акти за работа. Обвинителката исто така наведе дека се потврдиле неправилностите при постапувањето во работата, што, според неа, е утврдено при инспекцискиот надзор спроведен од Министерството за култура.

„Обвинетите Видески и Кушовска-Сафитли очигледно несовесно постапувале при ракувањето со музејските простории и на овој начин ѝ нанеле на Република Македонија штета од непроценлива вредност“, рече Стефанова и додаде дека доколку не дошло до попис на предметите поради преместување во новиот Археолошки музеј, кражбата, која беше обелоденета и пријавена од самите обвинети во ноември 2013 година, ќе продолжела.

Сведоците го тврдеа спротивното за Видески

Обвинителството во завршниот збор побара Судот да не ја прифати одбраната на Видески дека постапувал совесно во своето работење и во согласност со законот.

Кустоси и надворешни соработници, како сведоци предложени од Обвинителството, пак, во текот на доказна постапка, спротивно на наводите во обвинителниот акт, рекоа дека Видески никогаш не им давал клучеви да влегуваат сами.

Обвинителството во завршниот збор се осврна и на втората точка од диспозитивот на обвинителниот акт во кој се вели дека „во  втората половина на 2011 година обвинетиот Перо Јосифовски, искористувајќи ја службената положба како тогашен директор на Музејот, поттикнат од  обвинетиот Часлав Кузмановиќ, со умисла трајно отуѓил културно наследство од особено значење во државна сопственост, во што му помогнал Видески со однапред ветено прикривање на трагите и на предметите прибавени со кривично дело со умисла“.

Според застапникот на обвинението, тие го сториле ова така што на Кузмановиќ, златар од Скопје,  за изработка на музејски копии му дале на реверс 27 златни предмети од музејската збирка на Видески од Исар Марвинци, но иако тој не вратил неколку предмети во Музејот, тие составиле  реверс во кој го тврдат спротивното.

Обвинетите во своите искази пред судот, дадени на едно минатите рочишта,  беа категорични дека предметите биле вратени и дека е тоа уредно наведено во документацијата на Музејот. Според Стефановa, пак,  Видески го криел отуѓувањето сè до  пописот на 6.11.2013, а потоа пријавил дека предметите се  украдени од непознат сторител.

Обвинителството убедено во наводи кои вештаците не можеа да ги потврдат 

Обвинителството побара од Судот да не ја прифаќа одбраната ниту на другите обвинети.

Спротивно на тврдењата на четвртообвинетиот, единствениот кој не е музејски работник, златарот и колекционер на монети Часлав Кузмановиќ, Обвинителката истакна дека тој немал докази дека монетите му биле наследени, разменети и купени на специјализирани аукции.

Во однос на средновековното оружје, пак, главно секири и боздогани закачени на ѕидовите во неговиот дом, за кое Кузмановиќ рече дека го пронашол во куќата на таткото на неговата сопруга, Обвинителството е убедено дека било илегално ископано од археолошките локалитети низ РМ, но тоа не можеа да го потврдат вештаците кои во текот на доказната постапка ги образложија своите наоди. Во однос на оваа околност, вештакот предложен од Обвинителството објасни дека станува збор за предмети кои се реконструирани од други материјали и на кои им е нарушен автентичниот изглед, кои, иако се значајни од научен аспект, од археолошки немаат посебна вредност.

„Со оглед на тоа дека не можам да кажам дали овие предмети потекнуваат од територијата на Република Македонија, а исто така не е извршена нивна категоризација,  не можам да кажам ниту дали претставуваат културно наследство на државата“, појасни доц. д-р  Бошко Ангеловски.

Последните тројца обвинети, членовите на Комисијата за откуп на музејски материјали, Јован Кондијанов, Дарко Кржовски и Андреј Ежов, според Обвинителството,  сториле злоупотреба на службената положба на начин што во неколку наврати откупиле монети од Кузмановиќ без притоа да прибават доказ за потеклото.

„Неспорно е дека Законот за заштита на културното наследство не дозволува откуп на музејски материјали без да се утврди доказ за потеклото, што е регулирано со член 92 од Законот за заштита на културното  наследство“, рече во завршниот збор Стефанова.

Кондијанов, Кржовски и Ежов во своите искази наведоа дека работеле во согласност со Законот и дека сите предлози  за откуп биле најпрвин разгледувани од Експертска комисија во Министерството за култура. За Кузмановиќ рекоа дека е еден од најпознатите колекционери на монети во Македонија, како и дека не е регистриран како сторител на никакво кривично дело.

Вештакот Катерина Христовска, раководител на Нумизматичкиот музеј на Народната банка на РМ, пак, која во доказната постапка говореше за оваа околност, рече дека за значењето на монетите, кои според Обвинителството се предмет на спорен откуп, говори фактот што тие заземаат посебно место во Археолошкиот музеј на Македонија и дека во конкретниот случај никој не е оштетен, туку напротив се работи за голема придобивка од научен и од културолошки аспект. 

„Република Македонија во своја сопственост има исклучително скромен број на статери. Квалитетни нумизматички збирки во државна сопственост се формираат преку откуп. Ако го земете предвид дека овие статери имаат значајно место во новоотворениот Археолошки музеј на Македонија ќе сфатите од какво значење е конкретниот откуп“, рече Христовска.

Експертите за нумизматика, меѓу кои и самите обвинети, меѓу другото појаснија дека монетите се многу флуиден материјал што често ја менува сопственоста и од тие причини не можат да се третираат како кој било друг археолошки материјал.

На следното рочиште, закажано за во понеделник, одбраната ќе почне да ги изнесува своите завршни зборови.

Предметот за кражбата на 162 артефакти од  Музејот на Македонија се води против седум лица, од кои речиси сите се вработени во музејските установи. Битно да се напомене е дека обвинението за овој предмет во суштината говори за наводно несовесно работење и постапување со депоата на Музејот на Македонија од страна на обвинетите, поради кое, како што се наведува, дошло до одземање/кражба на артефактите од непознати лица. Дел од обвинетите, пак, како  членови на Комисијата за откуп на музејски материјал при НУ Музеј на Македонија, се товарат за сосема друго дело, односно дека во неколку наврати, при откуп на монети, не прибавиле доказ за потеклото на истите. 

Првите четворица обвинети, Златко Видески, Софка Кушовска, Перо Јосифовски Часлав Кузмановиќ, се во притвор речиси една година. 

>> Повеќе за предметот информирајте се тука. 

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk