/ Прочитано:

1.144

СУДЕЊЕ – МУЗЕЈ: Обвинителството ги изведе своите докази, на потег е одбраната

Понеделник, 17 ноември 2014 –  Заврши изведувањето на докази предложени од Обвинителството во предметот за кражбата на артефактите од Музејот на Македонија од непознати лица што, пак, се води против неколку вработени во оваа установа, поради чија наводна немарност, според ОЈО, дошло до одземање на 162 археолошки предмети. 

На денешното рочиште беа гледани снимки од 16 октомври минатата година, кога во Музејот се снимал документарен филм, после кој, пак, во ноември е утврдено дека недостасуваат артефактите што се предмет на обвинение. Сепак, како што посочи и судијата што го води предметот, од снимките не може да се утврди нешто повеќе од она што веќе го кажаа сведоците за овој датум: дека предметите биле извадени за потребите на снимањето, а потоа вратени во депото.

Веќе неколку рочишта по ред се изведуваат безбедносни снимки предложени од Обвинителството. Претходно беа сослушани и сведоци на ОЈО, но нивните искази во голема мера отидоа во прилог на одбраната.

Судскиот совет, денеска, го одби предлогот на одбраната за замена на притворoт на првите четворица обвинети, кои се наоѓаат зад решетки веќе 9 месеци,  со некоја друга мерка. Бранителите, како една од причините ја потенцираа фазата во која се наоѓа постапката која се води според новиот ЗКП, односно завршувањето со изведување на доказите на Обвинителството.

Неодамна, да се бранат од слобода беа пуштени последните тројца одбвинети, кои како членови на Комисијата за откуп на музејски материјал при НУ Музеј на Македонија, пак, се товарат за сосема друго дело, односно – противзаконски откуп на монети.

Судскиот порцес ќе продолжи на 26 ноeмври. На потег со своите докази е одбраната. По изведување на доказите на одбраната, новиот ЗКП предвидува докази  како реплика со кои Обвинителството ги побива доказите на одбраната, односно дуплика -доказите со кои одбраната одговара на побивањето од страна на Обвинителството.

Предметот за исчезнувањето на 162 артефакти од  Музејот на Македонија, обелоденето во ноември 2013 година, се води против седум лица, од кои речиси сите се вработени во музејските установи. Битно да се напомене е дека обвинението за овој предмет во суштината говори за несовесно работење и постапување со депоата на Музејот на Македонија од страна на обвинетите, поради кое, како што се наведува, дошло до одземање/кражба на артефактите од непознати лица.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука. 

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk