/ Прочитано:

1.441

СУДЕЊЕ „Шпион“: Еден од обвинетите сметал дека е директен потомок на Александар Македонски

Понеделник, 10 март 2014 – Судот денеска ги отвори вратите за јавноста за исказите на дел од сведоците предложени од обвинителството. Еден од сведоците, професор по професија и кум на поранешниот шеф на Собранието на РМ, сега обвинетиот Марјан Маџовски, говореше за  продажбата на плочката која првообвинетиот Марјан Ефремов, според неговите зборови, имал план како да ја продадат за вртоглави милионски суми. Денеска сведокот беше убеден дека плочката е безвредна, залудно се крстел и правел ритуали врз неа, и дека е измамен од страна на обвинетите. Театралното сведочење за начинот и планот за продажбата на плочката, ја исполни судницата со хумор. Уште по хумористично беше тврдењето на сведокот дека еден од обвинетите сметал дека има сина крв и е директен потомок на Александар Македонски, па од евентуалното злато кои би го нашле при откопување на наводна гробницата на Беласица, целото би припаднало на обвинетиот. 

Според обвинението кое опфаќа 19 лица, обвинетите собирале документи и информации, а првообвинетиот поранешен разузнавач, Марјан Ефремов, како организатор на групата, соработувал со странски разузнавачки служби. Во обвинението е наведена како најголема соработката на првообвинетиот со унгарската, но и со руската, швајцарската и српската служба. Од она што се слушна, еден од обвинетите во Солун за 650 евра на грчки разузнавач му продал информации за односот на македонските медиуми околу спорот со името, состојбата во партиите, активностите на здружението на Македонците во Грција, „Виножито“. Исто така обвинителството тврди дека обвинетите се обиделе да изнудат пари од бизнисмени, во спротивно им се заканувале дека ќе го нарушат нивниот углед во општеството. Меѓу обвинетите се и поранешниот полициски генерал Горан Стојков, поранешниот директор на Агенцијата против перење пари Ване Цветанов, шефот на кабинетот на претседателот на Собранието Марјан Маџовски. Против новинарот Зоран Божиновски постапката е во прекин и ќе продолжи по одлуката за неговата екстрадиција од Србија.

Тие се обвинети за за шпионажа, уцена, измама, послужување во службата, недозволено изработување, држење и тргување со оружје, изнуда, злоупотреба на државна службена или воена тајна, оддавање државна тајна и злосторничко здружување.

Тек на рочиштето

10:00 – Судскиот совет констатираше дека се исполнети условите за оджување на главен претрес. За денеска беа предвидени неколку сведоци. Обвинителката Лиле Стефанова, предложи да се исклучи јавноста за дел од сведоците со цел да не дојде до нарушување на приватноста. Судскиот совет го прифати предлогот на обвинителот. 

12:10 – Судот ги отвори вратите за еден од предвидените сведоци за денеска. Станува збор за лице кое е професор по професија, а е кум на обвинетиот Марјан Маџовски. Според она што тој го кажа во судот, првообвинетиот Марјан Ефромов бил задолжен за продажба на плочката која обвинетиот Миќо Насковски како директор на АД „Бетон“ ја добил по заслуга. Сведокот тврдеше дека Ефремов во неколку наврати му кажал милионски суми за вредноста на плочката убедувајќи дека лично тој соработува со германски и други странски служби и дека има контакт и може да ја реализира продажбата. 

„Прво му дадов 380.000 денари со цел тој заедно со некоја жена од Тутунска банка, да отворат трансакциски сметки во Швајцарија за да легне процентот од продажбата. Кога по неколку месеци, по вторпат ми побара 1.750 евра, се посомневав во неговата способност и вистинската вредност на плочката“, рече сведокот. 

Тој објасни дека Ефремов му ветувал 10 милиони евра доколку плочката биде продадена, а истовремено му кажувал дека на црниот пазар на артефакти плочката била многу барана бидејќи била стара неколку милиони години. Исто така тој прстот го впери и спрема обвинетиот Миќо Насковски тврдејќи дека и тој му потврдил за бараноста на плочката од страна на странците, уверувајќи дека Ефремов е каналот.

Вистинска смеа кај сите присутни во судницата предизвика сведокот со своето објаснување за ритуалот кој го направиле обвинетите и тој, кога го потпишувале договорот за пријателство, преку кој требало да го делат процентот од продажбата.

„Одрживме вистински ритуал, се прекрстивме над плочката верувајќи дека нејзината вредност е огромна. Што се вика, ја прекаравме“, рече сведокот.

Сведокот сликовито објасни уште една средба што се случила во хотелот Александар Палас на која присуствувал заедно со обвинетите. Тој рече дека првообвинетиот Ефремов дошол дотеран на средбата и договарал уште колку средства се потребни за продажбата на плочката. 

Уште поголема смеа се разнесе низ судницата кога сведокот зборуваше за разговорот меѓу обвинетите кои се договарале да го ископаат гробот на Александар Македонски кој според нив се наоѓал на планината Беласица. Сведокот тврдеше дека обвинетиот Миќо Насковски рекол дека е директен потомок на Александар Македонски и имал сина крв, па доколку откопаат злато, целото нему му следува. 

Откако судијата заврши со прашања до сведокот, првообвинетиот Марјан Ефремов детално бараше одговори осврнувајќи се речиси на целиот исказ на сведокот даден во истрага и на денешниот претрес. Едно од прашањата кое не беше дозволено од страна на судскиот совет беше дали сведокот се лечел во психијатриска болница. 

14:30 – Судскиот процес продолжува на 12.03.2014 во 10 часот, со сослушување на останатите сведоци предложени од Обвинителството. 


(П. Б. / bozinovskip@akademik.mk)