/ Прочитано:

2.025

СУДЕЊЕ „Шпион“: Обвинетите ја негираат уцената покрај аудио снимките што ги направил Марјан Ефремов

Вторник, 18 февруари 2014 – Не постоела група, ниту го уценувале оштетениот Бобан Пешиќ, кој со акупунктура лекувал од психички и физички болести, дека ќе го пријават зошто работи без лиценца и со радиоактивни материјали, а веќе некој негов пациент починал – вака обвинетите на денешниот главен претрес се бранеа пред судскиот совет. Тврдат дека не побарале, ниту земале денар од оштетениот, ниту пак направиле план за да му ги одземат компјутерите од неговата канцеларија. Еден од обвинетите, лани, како поранешен шеф на кабинетот на министерот Љубе Бошковски, беше сведок во судскиот процес „Ровер“ чиј исказ предизвика лавина реакции во судницата. Тој, како дел од поранешните високи структури на МВР, бил задолжен обвинетите Срби за убиството на Марјан Тушевски, да ги пречека и пренесе до Центарот за обуки на лавовите во Маврово, во конфликтот во 2001-та година.  

Според обвинението кое опфаќа 19 лица, обвинетите собирале документи и информации, а првообвинетиот поранешен разузнавач, Марјан Ефремов, како организатор на групата, соработувал со странски разузнавачки служби. Во обвинението е наведена како најголема соработката на првообвинетиот со унгарската, но и со руската, швајцарската и српската служба. Од она што се слушна, еден од обвинетите во Солун за 650 евра на грчки разузнавач му продал информации за односот на македонските медиуми околу спорот со името, состојбата во партиите, активностите на здружението на Македонците во Грција, „Виножито“. Исто така обвинителството тврди дека обвинетите се обиделе да изнудат пари од бизнисмени, во спротивно им се заканувале дека ќе го нарушат нивниот углед во општеството. Меѓу обвинетите се и поранешниот полициски генерал Горан Стојков, поранешниот директор на Агенцијата против перење пари Ване Цветанов, шефот на кабинетот на претседателот на Собранието Марјан Маџовски. Против новинарот Зоран Божиновски постапката е во прекин и ќе продолжи по одлуката за неговата екстрадиција од Србија.

Тие се обвинети за за шпионажа, уцена, измама, послужување во службата, недозволено изработување, држење и тргување со оружје, изнуда, злоупотреба на државна службена или воена тајна, оддавање државна тајна и злосторничко здружување.

 Тек на рочиштето

10:00 – Главниот претрес почна. Судскиот совет констатира дека условите за одржувањето на претресот се исполнети.

10:05 – Првиот обвинет кој ја даде својата одбрана денеска е Ацо Вучетиќ, теолог по професија, но се занимавал и со акупунктура примајќи пациенти кои ги лечел од психички и физички болести. Тој се товари дека заедно со првообвинетиот Марјан Ефремов и обвинетите Цветан Дамјановски, Живко Петровски, Јане Младеновски и Слободан Милошевски го уценувале оштетениот Бобан Пешиќ кој на ист начин лекувал пацинети како и обвинетиот Вучетиќ. Според обвинението, групата од обвинети направиле план како да го уценат Пешиќ, а потоа дел од нив од неговата канцеларија земале два комјутери. Обвинителството посочува дека обвинетите за да ги вратат комјутерите во неговата канцеларија му побарале 2000 евра. Според обвинението, тие му се заканувале на оштетениот дека против него ќе поднесат тужба и ќе го пријават што работи без лиценца и со радиоактивни материјали.

Обвинетиот Вучетиќ денеска тврдеше дека не припаѓал на никаква група, посочувајќи дека „неговата совест за него е закон“. Откако обвинетиот објасни дека работел само со болни луѓе кои од него бараат помош, појасни дека обвинението кои му се става на товар е претешко за неговото образование и работата која е од хуман карактер.

„Јас за мојата држава ќе погинам, а не да ја издадам!“, рече обвинетиот.

Обвинетиот уверуваше дека пред неколку години воопшто не ги познавал обвинетите и од судијата побара соочување со нив и со сведоците за како што рече, да ја докаже својата невинотс.

Ги отфрли и обвинувањата дека од оштетениот Пешиќ барал пари, ниту дека ветувал нешто на првообвинетиот Ефремов. Иако судијата му посочи дека постојат аудио снимки кои ги направил Ефремов во канцеларијата на оштетениот Пешиќ, обвинетиот повторно негираше дека е дел од групата што уценувала.

11:00 – Поранешниот службеник на МВР, обвинетиот Цветан Дамјановски веднаш се осврна на уцената која му се става на товар, негирајќи ги наводите во обвинителниот акт. Тој рече дека ниту примал инструкции од групата на обвинети, ниту уценувал некого за да прибави против правна корист за себе и за групата.

Цветан Дамјановски, сведок во „Ровер“: Ги пречекав Србите и ги упатив во Центарот за обука на лавовите во Маврово

Инаку, Цветан Дамјановски минатата година исто така застана на пулт во судница, но во улога на сведок во судскиот процес „Ровер“  во кој поранешниот министер Љубе Бошковски беше осуден на 12 година затвор за помагање на двојното убиство на Марјан Тушевски и Киро Јанев. Пред самиот крај на тогашното двочасовно сведочење на Дамјановски, атмосферата во судницата стана тензична и допринесе за препирки меѓу одбраната и обвинителството. Најбурно на сведочењето на поранешниот советник, изреагира токму неговиот некогаш претпоставен, обвинетиот Љубе Бошковски.

Тензично стана кога обвинителството почна да поставува прашања околу некои лица кои според исказот на сведокот во истрага ги чекал кај Железничката станица во Скопје, а негово задолженија било да ги упати во Центарот за обука на специјалните единици „Лавови“, сместен во Маврово. Сведокот појасни дека лицата преставуваат структури кои треба да се грижат за безбедноста на државата, но не знае дали се доброволци, професионалци и од каде и на кој начин стигнале до Железничката станица.

Сведокот зборуваше за наредбите и случувањата и одлуки носени од Советот за безбедност на Македонија за време на конфликтот во 2001 година. (Од етички причини Академик не ги пренесе подробностите кои најверојатно поради немарност на учесниците во постапката беа изнесени пред јавноста, а за кои дел од присутните во судницата реагираа дека станува збор за државна тајна.)

12:00 – Последниот обвинет за денеска кој ја даде својата одбрана е Живко Петровски. Тој посочи дека има сознанија за одземените компјутери на оштетениот Пешиќ, но уверуваше дека токму него го охрабрувал да пријави во полиција.

12:30 – Судскиот процес проодлжува утре во 10 часот со распит на последните обвинети.