/Прочитано:

240

Се одложи денешното рочиште за случајот „Поткуп“

Судското рочиште за случајот „Поткуп“ денеска се одложи бидејќи адвокатите на Заев се пожалија дека обвинителството не им ги доставило доказите врз основа на кои треба да ја подготват одбраната.

Во Основниот суд Скопје 1 – Скопје денеска требаше да се одржи главната расправа за случајот „Поткуп“ во кој е одбвинет лидерот на СДСМ, Зоран Заев, но ова судско рочиште се одложи бидејќи адвокатите на Заев се пожалија дека обвинителството не им ги доставило доказите врз основа на кои треба да ја подготват одбраната.

Одбраната на Заев појаснува дека нивно законско право е да ги имаат доказите бидејќи во согласност со Законот за кривична постапка, требало да ги добијат уште кога им бил доставен обвинителниот акт. Одбраната на Заев вели дека извршила увид на доказите, но не добиле копија од нив.

Во оваа насока, судијката во случајот „Поткуп“, Дијана Груевска Илиевска, го задолжи Обвинителството да ѝ ги достави доказите на одбраната на Заев, со цел неговите адвокати да подготват одбрана за следното судско рочиште кое за овој случај е закажано за 4 мај.

Во случајот „Поткуп“, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал од струмичкиот бизнисмен Иван Николов поткуп од околу 160.000 евра за приватизација на градежно земјиште за изградба на црква.

А. Б.