/ Прочитано:

1.339

СУДИИТЕ ГАБЕР, МУРАТИ И ДАРЛИШТА ЗА РАСПУШТАЊЕТО НА СОБРАНИЕТО: Противуставна одлука и преседан кој требаше да биде уставносудски оценет

Минатиот месец Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија.

akademik foto

Судиите Наташа Габер-Дамјановска, Сали Мурати и Исмаил Дарлишта не се согласуваат со ваквото решението на Судот, според кое Одлуката за распуштање не претставува пропис, односно акт подобен за уставносудска оцена.

Тие сметаат дека оспорената Одлука не е во согласност со Уставот на Република Македонија и истакнуваат дека, според природата на оспорениот акт и неговиот доносител, потребно било Уставниот суд при донесување на неговата одлука да одговори на повеќе правни прашања.  Уставниот суд, набројуваат судиите, требаше да одговори:

– дали постои уставна можност да има одложено дејство Одлуката за распуштање на Собранието;

– дали може да се смета дека Собранието е распуштено на 18 јануари 2016 година или на 24 февруари 2016 година, со оглед на фактот дека Собранието продолжува да работи во полн капацитет и по тој датум;

– дали во периодот од донесување на Одлуката за распуштање на Собранието до денот на фактичкото распуштање, со оглед на одложеното дејство на Одлуката, Собранието ги има истите права и надлежности како и пред да биде распуштено;

– дали се повредува Уставот на Република Македонија (член 63 став 3) во случај кога, сметано календарски од 24 февруари до 24 април, рокот од 60 дена од распуштање на Собранието до денот на одржување на изборите е надминат, а имајќи ја предвид поврзаноста на оспорената одлука со други веќе донесени акти (измена и дополнување на Изборниот законик бр.196 од 10.11.2015 година и измена и дополнување на Законот за владата на РМ бр.196 од 10.11.2015 година).

Судиите истакнуваат дека според Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија ја остваруваат власта преку демократски избрани претставници, а Собранието е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

„Во членот 63 став 3 е уредено дека избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав (редовни избори) или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието (вонредни избори). Според наведеното, јасно е дека со Уставот се уредени статусните прашања на Собранието на Република Македонија како орган на државната власт“, посочуваат Габер-Дамјановска и Мурати.

Тие упатуваат и кон цитат од трудот на професорот Светомир Шкариќ, „Научно толкување – Устав на Република Македонија“:

„…Собранието е претставничко тело на сите граѓани на РМ, а не претставништво на одделни групи или слоеви. Тоа е законодавно тело затоа што ги донесува законите за регулирање на основните и најзначајните прашања во земјата. Затоа Собранието е најзначаен и основен орган во Република Македонија… Како претставничко тело Собранието одлучува во името на граѓаните, врз основа на искажаната волја на избирачкото тело, како и врз основа на довербата што ја има за време на мандатот. Собранието е правен суверен, а граѓаните политички суверен. Уставот целосно ја уредува положбата и надлежноста на Собранието и не дозволува тие прашања да бидат уредувани со закон. Собранието е уставна, а не законска материја.“

Оттука,  додаваат судиите Габер-Дамјановска и Мурати, произлегува дека уставотворецот со нормите на Уставот го задржал како уставно право да ги уредува статусните прашања и надлежности на Собранието во рамки на институционализацијата на власта во Република Македонија, а само за дел од тоа дал уставна основа да се уредува со закон или друг пропис.

„Исто така, цениме и дека одложеното дејство на оспорената Одлука односно одложеното дејство на распуштањето на Собранието како највисоко избрано претставничко тело на државата кое има законодавна надлежност не може да се поистоветува или компарира со одложеното дејство на законите или други нормативни акти кои всушност самото ги носи, бидејќи се работи за неспоредливи категории“, истакнуваат сдуиите.

 Целосен текст на издвоеното мислење на судиите Габер-Дамјановска и Сали Мурати 

„По однос на искажаниот став на Уставниот суд дека Одлуката не претставува пропис по својата содржина, сметам дека истиот став е погрешен и неоснован. Сметам дека оспорената одлука може да биде предмет на уставносудска оцена и тоа по повеќе основи, повикувајќи се на членовите во Уставот на Република Македонија наведени во иницијативите: член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 63 став 3 и 6 и член 51“, вели во своето издвоено мислење, судијата Исмаил Дарлишта.

Тој посочува дека ваквиот тип на одлуки, како што е оспорената, може да се третираат како прописи.

„Одлуката има универзално дејство и посредно се однесува на сите граѓани кои на непосредни избори го даваат својот глас за одреден пратеник на Собранието, односно ним им го пренесуваат мандатот, но и суверенитетот за Собранието да решава, односно да одлучува во нивно име, поради што ценам дека оспорената одлука е подобна за уставносудска оцена.“

Според судијата, Одлуката не е во согласност ни со членот 63 став 3 од Уставот на Република Македонија во кој децидно се наведува дека „избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.“

„Со одлуката се повредува и членот 51 од Уставот на Република Македонија, кој гласи: ‘Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Уставот целосно ја уредува положбата и надлежноста на Собранието и не дозволува тие прашања да бидат уредени со закон. Уставотворецот со нормите на Уставот, го задржал како уставно право да ги уредува статусните прашања и надлежности на Собранието во рамки на институционализацијата на власта во Република Македонија, а само за дел од тоа дал уставен основ да се уредува со закон или пропис. Тоа значи дека самото Собрание не може да ја проширува неуставно својата надлежност и да одлучува на поинаков начин надвор од она што е регулирано во самиот Устав по однос на неговото распуштање и работа’“, посочува судијата Дарлишта.

Целосен текст на издвоеното мислење на на судијата Исмаил Дарлишта

М.В