/ Прочитано:

2.744

Судиите остро реагираат на несериозниот пристап за зголемувањето на платите и бараат почитување на законите и заштита на достоинството

Управниот одбор на Здружението на судиите на Република Македонија на седница одржана на 20.4.2017 година, известуваат од Здружението, расправаше за состојбата со платите во судството и притоа заклучи дека е потребно продолжување на активностите до целосна реализација на заложбите за нивно зголемување, во согласност со зголемувањата на платите во Јавното обвинителство.

Во таа насока, велат од Здружението на судии, Управниот одбор ги поддржа досегашните напори на претседателот на Здружението со предлог тие да продолжат и да бидат насочени кон надлежните институции, особено кон Судскиот совет на РМ и Судски буџетски совет.

„Управниот одбор утврди дека надлежните органи не покажале сериозен пристап кон ова прашање и барањата на судиите, па оттука остро реагира на таквото однесување и повикува на соодветен ангажман со цел исполнување на барањата на судиите засновани врз релевантната законска регулатива, а заради заштита на достоинството и угледот на судијата и судиската функција. Управниот одбор заклучи дека е потребно натамошните активности да се насочат во правец на отворање вистински дијалог за изнаоѓање на соодветно решение, а за таа цел овие активности треба да бидат водени и од ставовите и препораките на подружниците“, истакнуваат од Здружението на судии на РМ.

Минатиот месец Управниот одбор на Здружението на судии усвои работен документ „Анализа за состојбите со финансирањето на судството, платите, пензионирањето и други статусни прашања на судиите“ во кој се нагласува потребата од дијалог со надлежните институции за изнаоѓање на решение за платите во судството.

Претходно, претседателот на Здружението на судиите на Република Македонија, д-р Џемали Саити, придружуван од потпретседателката – судија Емилија Шопар Јованова и членот на Управниот одбор – судија Шпенд Деваја, оствари средба со министерот за правда, Валдет Џафери.

На средбата претседателот Саити ја изрази својата загриженост за платите на судиите и судската администрација и побара министерот Џафери, во согласност со своите надлежности, да преземе соодветни активности за надминување на ваквата состојба.

По кратко запознавање на претставниците на Здружението со текот на овој процес, министерот Џафери, како што посочија од Здружението на судии, изрази подготвеност да се заложи за поставување на ваквите барања на судиите во агендата на Владата, со цел изнаоѓање на соодветни решенија.

Потребата за решавање на проблемот со платите на судиите и судската администрација беше нагласена и на централниот настан по повод Денот на правосудството, одржан во  рамки на проектот „Денови на правосудството“.

М.В