/ Прочитано:

2.415

СУДИИТЕ ПОРОТНИЦИ НА СОВЕТУВАЊЕ: „Потребни се јасни закони кои ќе ги применуваат чесни судии“

Етиката и Етичкиот кодекс се едни од прашањата за кои се говори на задолжителното Советување за судски поротници во Академијата за судии и јавни обвинители. Советувањето се спроведува заради подготовка на судиите поротници за примена на процесните и материјалните закони, како и професионално, етичко и непристрасно извршување на функцијата судија поротник.

За да ја исполнат задачата што им е доверена, вели судијката Милка Ристова која пред судиите поротници говореше за прашањето на етиката, судиите треба да уживаат целосна доверба кај граѓаните. Кога граѓанинот ќе се обрати пред судот за заштита на некое свое загрозено право, нагласува Ристова, треба да очекува праведна и законита заштита на тоа свое загрозено право.

Судијата во вршењето на својата функција треба да се раководи исклучиво од уставните и законските решенија. Практиката на нашиот правен систем, посочува Ристова, покажува дека е тешко да се донесе идеално законодавство кое би било почитувано од сите поединци.

„Но, секој правен поредок треба да се стреми да донесе јасни и прецизни закони кои нема да создадат тешкотии во примената од страна на судиите. Секоја модерна правна држава се стреми преку правниот поредок да воспостави рамнотежа помеѓу интересот и самољубието на поединецот и општата корист на граѓаните како целина“, посочува Ристова.

За постигнување на оваа многу важна цел, истакнува судијката Ристова, голема улога има личноста на судијата и неговиот човечки интегритет. Носителите на судиската функција се само луѓе кои не секогаш се лишени од недостатоците на човечката природа.

„Независно од начинот како тие го добиле својот избор, дури и тогаш кога постои целосно почитување на развојот на нивната кариера, сепак може да се дојде до погрешен избор. Апсолутно совесни и безгрешни судии не секогаш може да се изберат, независно дали во нивниот избор се применети и најстроги критериуми“, образложува Ристова.

Во Кодексот за судиската етика, додава судијката, јасно се определени вредностите што треба да ги поседува судијата, а тоа се: независност, непристрасност, чесност, интегритет, пристојност, професионалност, трудољубивост.

„Професионалните и етичките начела за професионален однос спрема работата подразбираат дека судската одлука никогаш не предизвикува рамнодушност кај судијата кон пресудата што ја донел, напротив, му создава чувство на потполна одговорност. Судската одлука, покрај тоа што треба да биде законита, треба да биде и легитимна. Судските пресуди треба на позитивен начин да се восприемат од јавноста, која треба да изрази доверба во законската заснованост и правичноста на таа одлука. Сите критики на јавноста треба сериозно да се разгледуваат, а не да се игнорираат како недобронамерна критика под притисок на мал број случаи“, вели Ристова.

За судијката Милка Ристова, несовршеноста на луѓето што ја носат судиската функција, проблемите во моралот и судиската етика имаат сериозно влијание врз довербата на граѓаните во судството.

„Затоа надлежните институции за контрола на нашата работа внимателно ги разгледуваат сите форми на кршење на судиската етика. Правната култура на граѓаните постојано го зголемува своето ниво, па затоа сѐ помалку ќе се оправдуваат реалните проблеми, како основа за неефикасност во работењето на судовите“, истакнува Ристова во своето излагање пред судиите поротници.

М.В