/ Прочитано:

2.811

Судијката во „Детонатор“: Не ви се плашам! И да летнам како гулаб, друг судија ќе ви суди

Вторник, 24 декември 2013 – Затворски казни од 1 година и 3 месеци, па се до доживотен затвор за 15-мината обвинети од Источна Македонија приведени во акцијата „Детонатор“. Освен солзите на роднини, ситуацијата стана уште потензична откако еден од обвинетите вербално ја нападна обвинителката Вилма Русковска, а судијката Весна Димишкова јавно проговори дека не се плаши од претходни закани упатени на нејзината адреса. Судот одлучи дека обвинетите не ги рекетирале кочанските дуќании преку агенцијата за обезбедување „Титан груп“. Оштетениот Драганчо Стоименов ќе добие околу 9.000 евра нематеријална оштетета, а неговата сопруга 9.000 денари за нејзиното оштетено возило под кое екплодира бомба. Стоименови бараа обвинетите да им исплатат нематеријална штета во висина од 250.000 евра за претрпен страв. Првите осуммина кои добија големи затворски казни поради обид за убиство на Стоименов, остануваат зад решетки до правосилноста на пресудата.  

Судскиот совет ја објави одлуката:

1. Игор Горански – 13, 6 год. 2. Сашко Стојчевски – Доживотен затвор 3.Жан Железарски – 14, 6 год. 4.Горан Божиновски- 12, 6 год. 5.Јорданчо Михајлов – 13, 6 год. 6. Симеон Михаилов – Доживотен затвор 7.Стојан Паликрушев – 9, 6 год. 8. Тони Лесански – 8 год. 9. Далибор Алексовски – 5,6 год. 10. Милан Арсов – 2 год. 11. Ванчо Ќорпашев – 2 год. 12. Горан Кузмановски 4,6 год. 13. Димитар Јованов – 2,6 год. 14. Ангел Андонов – 2,6 год.

15. Столе Трпчевски – 1, 3 год.

Во однос на штетата која ја побараа брачниот пар Стоименови, судскиот совет  досуди  околу 9000 евра за Стоименов за претрпен страв, а само 9000 денари за Стоименова за штетата на нејзиното возило под кое експлодира бомба. Тие предјавија штета од 250.000 евра, но судот им ги отфрлил барањата. Исто така, судот не се согалси со обвинителството дека обвинетите од Кочани ги рекетирале тамошните дуќании преку штипската агенција за обезбедување Титан груп“. 

Откако беше објавена одлука, вознемиреност кај обвинетите и солзи кај роднините ја исполнија судницата во Кривичниот суд. Додека судијката Весна Димишкова ги слушаше одбраната, обвинетите и обвинителството кои се изјаснуваа за мерката притвор, обвинетите меѓусебно негодуваа за пресудата.

Додека советот се повлече за да одлучи за притворот на обвинети, дел од обвинетите не можеа да ја задржат лутината во себе. Гневот беше најголем кај Жан Железарски, Горан Божиновски и Јорданчо Михајловски кои се осудени за обид на убиство на оштетениот Драганчо Стоименов, па за ова дело добија 10 годишни затворски казни. Еден од нив вербално ја нападна обвинителката.

„Кај ќе ти оди душата, можеш после ова да спиеш, вие не сте луѓе, вие сте монструми! Поставени сте да служите на народот, а не да уништувате живот. Има Господ, еден ден вие ќе седнете на оваа клупа. Тие што го монтираа ова ќе ви речат благодарам, но како вие можете вечерва мирно да спиете?!“, рече обвинетиот Јорданчо Михајловски.

Откако судијката се врати во судницата, на  изненадувања на сите, јавно проговори за притисоците врз неа, пред да ја донесе одлуката.

„Ми праќавте пораки дека ќе летнам како гулаб. Еве стојам пред вас, не ви се плашам, и да летнам, предметот ќе остане во судот, а ќе дојде друг судија. Праќавте пораки до мене и на секој начин се обидувате да стигнете до судиите. Не е во ред да им се мешате во приватните животи на судиите. Не ви се плашам, ниту јас, ниту еден член од советот“, рече Димишкова.

По ова обвинетите прокоментираа дека воопшто немаат никаква врска со никакви закани упатени до судијката.

Судскиот совет донесе одлука првите осуммина да останат зад решетки, а останатите обвинети во куќен притвор се до правосилноста на пресудата.

По објавувањето на одлуката, обвинителката Русковска го прокоментира вербалниот напад од страна на обвинетиот Михајловски.

„Не знам зошто мене ми се обраќаат, јас го застапувам обвинителството, кој било обвинител да беше исто ќе ги гонеше за овие кривични дела. И во други наврати имам споменето дека станува збор за сериозни кривични дела. Тука имаше две можности, или да бидат ослободени или да добија високи казни“, истакна таа.

Адвокатот Сашо Дуковски, дел од одбраната во предметот, изрази незадоволство од одлуката.

 „За мене нема докази за ваква пресуда и не ми е јасно зошто ги оставија сите во притвор кога имаат различни казни“, рече Дуковски.