/ Прочитано:

1.328

Судски „спор“ за Извештајот на Врховен суд: Панчевски вели Извештајот имал дупка, Неделкова вели Панчевски покажал непочитување

Вторник, 15 април 2014 – Првпат во македонската судска практика се случи невообичаена препирка. Претседателот на Основниот суд 1 во Скопје, судијата Владимир Панчевски, жестоко го нападна извештајот за работата на неговиот суд, за што беше опоменат дека не покажувал почит кон мислењето на судиите од Врховниот суд, пренесува Нова Македонија.

Владимир Панчевски: Неконзистентноста на Врховниот суд при изработката на извештајот

„Мора да изразам сериозна загриженост за неконзистентноста на Врховниот суд при изработката на извештајот и селективниот пристап и анализа на податоците што веќе неколку години се доставуваат со единствена матрица. Ако се направи анализа на податоците во последниве четири години, може да констатирам дека вртоглаво еволуира од година на година и својата кулминација ја достигна со извештајот за 2013 година. Не знам дали свесно или несвесно селективно се анализираат податоците на Основен суд 1 Скопје“, рече судијата Панчевски.

Другите судии без да трепнат внимателно го слушаа додека тој зборуваше, презентираше детална анализа поткрепена со бројки за претходните извештаи и ги наоѓаше недостатоците на последниот актуелен извештај.

„Анализите секоја година во однос на Основниот суд 1 се прават врз основа на различни мерливи критериуми. Така, претходните години мерливи критериуми биле прво квалитетот на одлуките врз основа на обемот на решени предмети, второ ефикасноста на судот по оддели, и тоа во сите. Наспроти ваквиот извештај, како мерлив критериум е земена временска рамка од 6,6 месеци и судот е оценет како релативно ефикасен суд, а притоа квалитетот на судот во извештајот е даден само за три оддели. Можам да кажам дека овие три оддели, и тоа одделот за кривични предмети, организиран криминал и прекршоци, влегуваат во вкупниот број предмети. Особено е важно дека 36 отсто од извештајот содржи бројки од прекршоци, оддел што не е влезен во компјутерскиот систем“, се пожали претседателот Панчевски.

Во извештајот има дупка

Според него, постои податок за неанализирани предмети во извештајот.

„Во извештајот има дупка, односно не се анализирани 80.522 предмети, значи над педесет проценти. Оцената на судот е дадена само врз основа на паушална временска претпоставка. Нејасна е математиката од извештајот, каде што пишува разлика од над илјада предмети за кои нема образложение од каде се и кои се“, рече Панчевски.

Судијата Панчевски, по деталната и обемна анализа, заклучи дека податоците од извештајот даваат лоша и погрешна слика за судот.

„Гледајќи го извештајот добивам впечаток дека фалат страници и можам да изразам жалење. Особено кога го добив извештајот не знаев како да им објаснам на судиите дека нивните вонредни напори за ефикасност за Врховниот суд претставуваат релативна работа и дека во извештајот тие се релативно ажурни. Се надевам дека извештајот нема да биде деморализирачки фактор, оти тие се свесни за своите резултати и успеси и сакам да истакнам дека вака дадената паушална етикета на релативност воопшто нема да биде поттик за судиите“, заклучи Панчевски.

Лидија Неделкова: Ме изненадува непокажувањето почит кон врховните судии

На неговото излагање остро реагираше претседателката Неделкова и јавно го опомена судијата Панчевски.

„Ме изненадува несоодветното изразување и непокажување почит кон судиите на Врховниот суд и ќе ве замолам ако повторно земете збор, да не се изразувате на овој начин, бидејќи тоа не е соодветно. Сакам да констатирам дека сте направиле некаква анализа за која не знам од каде ви е за да ја споредувате со претходни резултати“, рече Неделкова.