/ Прочитано:

797

Судскиот процес „Монструм“ продолжува утре — Основен суд Скопје 1 сѐ уште нема потврда дали уапсените на Косово се обвинетите во процесот

Понеделник, 4 март 2013 – Утрешното закажано рочиште на судењето за масакрот кај Смилковското езеро без оглед на новонастанатата ситуација ќе се одржи, информираат од Основен суд Скопје 1. Досега не им стигнало известување дали уапсените лица од Косово се Африм Исмаиловиќ и Алил Демири. Доколку се потврди дека се уапсени вистинските лица, судот ќе постапи според законските рамки – на обвинетите ќе им бидат презентирани доказите со цел тие да имаат можност да ја спремат и дадат својата одбрана, велат од судот. 

До Основен суд Скопје 1 се уште не стигнало известување дека уапсените лица од Косово се обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, вели портпаролот на судот, судијата Владимир Туфегџиќ.

„Утрешното закажано рочиште ќе се одржи, а доколку лицата се екстрадираат судскиот совет ќе постапи законски, на обвинетите ќе им бидат презентирани доказите и ќе им биде овозможено да ја спремат и дадат својата одбрана“, велат од судот. Засега не се знае дали судскиот процес ќе биде повторен отпочеток.

Косовската полиција вчераа околу 19 часот информираше дека ги уапсила Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, прво и третообвинетиот за петкратното убиство што се случи кај Смилковското eзеро. Портпаролот на косовското Министерство за внатрешни работи Арбер Бека, потврди дека се уапсени 2 лица барани со меѓународна потерница, а содејствуваат со описот на Демири и Исмаиловиќ. Косовската полиција се уште го идентификува идентитетот на уапсените.

По утврдувањето на идентитетот на уапсените, се очекува македонското Министерството за внатрешни работи во текот на денот да излезе со детални информации во врска со апсењето на двајцата обвинети и по однос на нивната екстрадиција.