/ Прочитано:

1.719

Судскиот совет ќе ја повтори постапката за разрешувањето на судијата Јордан Митриновски

Судскиот совет на денешната седница го прифатил барањето на Јордан Митриновски, поранешен судија и претседател на Апелациониот суд во Скопје, да ја повтори постапката за негово разрешување од судиската функција во 2011 година, потврдуваат од Советот за Академик.

Mitrinkovski

Судијата Митриновски беше разрешен во 2011 година поради одлуката да го пушти Бајруш Сејдиу во домашен притвор. По барање на јавниот обвинител, пак, Врховниот суд, пак, во совет, со кој претседаваше тогашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, донесе одлука со која го укина решението за преиначување на мерката притвор и побара разрешување на Митриновски. Вангеловски, како претседател на Врховниот суд, беше и член на Судскиот совет што ја донесе одлуката за негово разрешување.

Во април, минатата година, Судот за човекови права во Стразбур ја казни Македонија со 4.000 евра одлучувајќи по жалбата Митриновски. Според Стразбур, Судскиот совет не бил непристрасен при разрешувањето. Имено, судот во својата пресуда оценува дека Митриновски имал легитимна основа да стравува дека претседателот на Врховниот суд бил веќе лично убеден дека тој треба да биде разрешен поради професионална грешка пред да дојде прашањето до Судскиот совет.

Како дополнителна повреда е посочено тоа што на одлуката за разрешување Митриновски морал да се жали пред Жалбениот совет во Врховниот суд каде што претседател на судот е Вангеловски.

„Во такви околности Судот смета дека системот во кој судијата Јово Вангеловски, како член на Судскиот совет,  кој побарал иницирање на постапката, учествувал во одлуката за отстранување на жалителот од функцијата, фрла сомнеж за неговата непристрасност кога се одлучува за основаноста на жалбата на жалителот по предметот. Со оглед на горекажаното, Судот утврдува дека судијата во постапка не го положи тестот за субјективна и објективна непристрасност. Понатаму, фактот дека судијата беше еден од петнаесеттемина членови на Судскиот совет не може под тие околности да доведе до каков било друг резултат. Според тоа, бил прекршен членот 6 став 1 од Конвенцијата поради недостиг од непристрасност на Судскиот совет при разгледување на предметот на жалителот“, се вели во пресудата на Судот за човекови права.

Сепак, и да се констатира дека Митриновски бил незаконски разрешен тој нема да може да биде вратен на работното место бидејќи ги има исполнето условите за пензија. Независно од ова, пак, поранешниот судија може да поднесе тужба и да бара надомест на штета во судска постапка за периодот за кој бил разрешен.

>> СТРАЗБУР ЈА КАЗНИ МАКЕДОНИЈА: „Судскиот совет не бил непристрасен при разрешувањето на судијата Митриновски“