/ Прочитано:

1.466

СУДСКО ПОВЕДЕНИЕ: Коцкање, излегување во клубови, љубовна врска со адвокат и одење на гости во адвокатска фирма

Не постои забрана еден судија да се впушти во повремено коцкање како активност во слободното време, но и тука треба да се употреби дискретност, имајќи ја предвид перцепцијата на еден разумен набљудувач во заедницата, се наведува во Коментарот на Бенгалорските начела. Меѓународните организации ги сметаат Бенгалорските начела за корисни и ги одобруваат. Економскиот и социјален совет на Обединетите нации во својата Резолуција 2006/23 од 27 јули 2006 година ги покани земјите-членки, во согласност со нивните домашни правни системи, да ги поттикнат своите судства да ги земат предвид Бенгалорските начела при разгледување или при развој на правилата поврзани со професионалното и етичкото поведение на членовите на судството. 

Еден судија мора да прифати ограничувања на сопствените активности

Еден судија мора да очекува да биде предмет на постојан јавен надзор и коментари, и затоа мора да прифати ограничувања на своите активности кои би можеле да изгледаат тешки за еден обичен граѓанин.

Судијата треба да го прифати тоа своеволно и доброволно, дури и кога овие активности не би се сметале за негативни ако ги вршат другите членови на заедницата или на професијата. Ова важи и за професионалното и за личното поведение на судија. Иако законитоста на поведението на судијата е релевантна, не е целосна мерка за неговата коректност.

Барање за водење примерен живот

Од судијата се бара да живее примерен живот и во текот на неговата судска служба и надвор од неа. Судијата мора да се однесува во јавноста со чувствителност и самоконтрола кои се бараат од судиската функција, затоа покажување на непромислен темперамент е понижување на процесите на правдата и е неконзистентно со достоинството на судиската функција.

Посети на јавни места како што се баровите

Денес, барем во повеќето земји, не постои забрана еден судија да посетува пабови, барови или слични места, но при тоа треба да се употреби добро просудување. Судијата треба да размисли како веројатно ќе бидат сфатени ваквите посети од страна на разумен набљудувач во заедницата и како се гледа на лицата што посетуваат такви места, според

угледот на местата што се посетени, како и да му придаде значење на тоа дали е местото управувано во согласност со законот.

Коцкање

 Не постои забрана судијата да се впушти во повремено коцкање како активност во слободното време, но и тука треба да се употреби дискретност, имајќи ја предвид перцепцијата на еден разумен набљудувач во заедницата. Едно е повремено да се посетуваат коњски трки, или казино, или да се игра карти со пријателите и семејството за време на одмор во странство. Но сосема друго е еден судија да поминува премногу време во обложувалници или да биде тежок коцкар.

 Често посетување клубови

Судијата треба да внимава кога посетува клубови и други социјални места. Судијата, на пример, треба да биде претпазлив кога посетува места што се поседувани или што се наменети за членовите на полициските сили, на антикорупциските агенции или за царинските и акцизните одделенија, чии членови најверојатно често се појавуваат пред судовите. Иако не постои приговор еден судија повремено да прифаќа покана да јаде во полициска менза, не е пожелно да го прави тоа често или да стане член на таков клуб, или редовно да ги користи ваквите објекти. Во повеќето општества е вообичаено и прифатливо судиите да присуствуваат на настани организирани од правните организации или здруженија и да се мешаат со правните лица на социјална основа.

Социјални контакти со правната професија

Социјални контакти меѓу членови на судството и членови на правната професија е долгогодишна традиција и како таква, е соодветна. Бидејќи судиите не живеат во кули од слонова коска, туку во реалниот свет, од нив не може да се очекува откако ќе ја преземат судската функција, да ги прекинат сите нивни врски со правната професија. Ниту, пак, би било корисно за судскиот процес да се изолираат судиите од остатокот на општеството, вклучувајќи ги училишните пријатели, поранешните соработници и колеги во правната професија. Всушност, присуството на судијата на социјални настани со адвокати има некои позитивни страни. Неформалните размени што ги овозможуваат таквите настани можат да помогнат да се намалат тензиите меѓу судството и адвокатите и да ја намалат изолацијата од поранешните колеги што ја доживува судијата откако ќе ја преземе судиската функција. Сепак, судијата треба да дејствува на темел на здравиот разум и да покажува претпазливост.

Социјални врски со одредени адвокати

Социјална врска со адвокат кој редовно се појавува пред судијата е опасна и наложува потреба од рамнотежа. Од една страна, судијата не треба да се одвраќа од тоа да има социјални или вонсудски врски. Од друга страна, постои очигледен проблем од можна појава на пристрасност и фаворизирање ако пред судијата се појави некој пријател или соработник. Судијата на крај треба да одлучи дали има претерано близок или личен однос со адвокат или има создадено таков впечаток. Судијата треба да одлучи каде да повлече линија. Важно е дали се мешаат општествените односи во извршувањето на судските одговорности и дали еден незаинтересиран набљудувач, целосно информиран за природата на социјалната врска, разумно би можел да се сомнева дека правдата ќе се спроведе. Судијата, исто така, мора да биде свесен за зголемената опасност од ненамерна изложеност на вонсудски информации во врска со случај кој судијата го сослушува или во кој ќе биде вклучен. Затоа би било мудро судијата да избегнува чести контакти со адвокат кој се појавува пред него во еден одреден случај, ако тоа би можело да доведе до разумна перцепција дека судијата и адвокатот имаат блиски лични односи.

Социјална врска со адвокат кој во исто време е и сосед

Од еден судијата, чијшто непосреден сосед, адвокат кој редовно се појавува во судот во кој судијата суди, не се бара да се воздржува од сите социјални контакти со адвокатот, освен можеби кога адвокатот се појавува пред судијата во еден тековен случај. Во зависност од околностите, одреден степен на дружење е прифатлив доколку судијата не создаде потреба за често изземање, ниту, пак, остава впечаток дека неговата непристрасност може да биде компромитирана.

Учество во повремени дружења со адвокати

Не е разумно да се забрани еден судија да присуствува на голема коктел-забава организирана, на пример, за новоименуван виш адвокат кој го прославува професионалниот успех. Иако адвокатите кои се појавуваат пред судијата веројатно ќе бидат присутни на таков настан, директен социјален контакт треба да се избегнува сè додека е случајот во тек. Ако се случи таков контакт, треба да се избегнува да се зборува за случајот, и во зависност од околностите, другите странки на сослушувањето при првата можност треба да бидат информирани за остварениот контакт. Пресудно ќе биде дали социјалната активност ќе создаде или ќе придонесе за перцепција дека адвокатот има посебен однос со судија и дали тој посебен однос подразбира посебна подготвеност од страна на судијата да го прифати и да се потпира на застапувањето на адвокатот.

Обично социјално гостопримство

Вообичаено е дозволено еден судија да прифати покана за социјални настани добиена од адвокати и други правни лица. На дружењето со адвокати под такви околности треба да се гледа позитивно и да се поттикнува тоа поради придобивките што произлегуваат од неформалните дискусии кои се водат на таквите социјални настани. Сепак, судијата не треба да прима подарок од адвокат кој може да се појави пред судијата и не треба да присуствува на социјален настан организиран од страна на адвокатската фирма каде што степенот на гостопримството го надминува она што се смета за вообичаено и скромно. Критериумот треба да биде како може настанот да му изгледа на разумен набљудувач кој не може да ги толерира нормите на правната професија како што членови ги толерираат нејзините.

Гостин во адвокатска фирма

Дали еден судија ќе присуствува на забава организирана од страна на адвокатска фирма зависи од тоа кој ја организира забавата и кој друг би можел да присуствува, како и од природата на забавата. Кога донесува одлука дали да присуствува, судијата ќе мора да се потпре на неговото познавање на локалните обичаи и претходни настани. Во зависност од околностите, судијата можеби ќе треба да побара од домаќинот информација за тоа кој е поканет и како е планирано гостопримството. Посебна грижа треба да се води кога може да изгледа дека одредена фирма ги користи тие настани за рекламирање на себеси или на своите услуги на клиенти или на потенцијални клиенти. Исто така, постои очигледна разлика меѓу забава што е организирана од страна на професионални здруженија (кај кои судиите може често да бидат поканети да зборуваат за прашања од општ интерес) и она што е организирано од страна на одредени правни фирми. Судијата мора да внимава да не влијае неговото присуство на забавата на адвокатска фирма врз впечатокот што судијата го остава во поглед на непристрасноста.

Љубовна врска со адвокат

Во случај кога еден судија е вклучен во љубовна врска со адвокат, тој обично не треба да заседава со случаите во кои е вклучен тој адвокат, освен ако појавата на адвокатот во судот е чисто формална. Сепак, вообичаено нема да се бара изземање на судијата од случаи во кои се вклучени другите членови на фирмата или на канцеларијата во која работи адвокатот.

Бенгалорските начела на судско поведение се додадоа како анекс на Извештајот презентиран од страна на специјалниот известувач на Обединетите нации за независноста на судиите и адвокатите Дато Парам Камарасвами на Педесет и деветтата седница на Комисијата за човекови права на Обединетите нации која се одржа во април 2003 година. На 29 април 2003 година, Комисијата едногласно ја усвои Резолуцијата 2003/43 која ги призна Бенгалорските начела на судско поведение и ги истакна „за разгледување на земјите-членки, релевантните органи на Обединетите нации и меѓувладини и невладини организации.

Нацртот Бенгалор беше дополнително ревидиран под влијание на нацрт мислењето на ССЕС за начелата и правилата за професионално поведение на судиите, особено етиката, некомпатибилното поведение и непристрасност; и под влијание на понови кодекси на судско поведение вклучувајќи ги Водич за судско поведение објавен од страна на Советот на врховни судии на Австралија во јуни 2002 година, Модел правила за поведение на судиите во балтичките земји, Кодексот на судска етика за судии на Народна Република Кина, и Кодексот на судската етика на Здружението на судии на Македонија.

На својата четврта седница, одржана во октомври 2005 година во Виена, Групата за судски интегритет истакна дека судиите, адвокатите и правните реформатори на неколку средби ја истакнаа потребата за коментари или објаснување во облик на прирачник кој би бил авторитетен водич за примена на Бенгалорските начела. Групата се согласи дека такви коментари или прирачник ќе им овозможи на судиите и професорите по судиска етика да го разберат не само изготвувањето и меѓукултурниот процес на консултации на Бенгалорските начела и образложението за вредностите и начелата вградени во него, туку, исто така, ќе овозможи пошироко разбирање на применливоста на тие вредности и начела на прашања, 10 ситуации и проблеми кои може да се појават. Соодветно на тоа, Групата одлучи дека најпрво координаторот ќе подготви нацрт коментари кои потоа ќе бидат доставени на разгледување и одобрување од страна на Групата.

КОМЕНТАР НА БЕНГАЛОРСКИТЕ НАЧЕЛА ЗА СУДСКО ПОВЕДЕНИЕ, Академија за судии и јавни обвинители / ОБСЕ

M.В / veljanoskim@akademik.mk