/ Прочитано:

3.348

Суштинските новини во Законот за градежно земјиште – Димитар Димовски, државен советник за урбанистичко планирање

Кои се суштинските новини во Законот за градежно земјиште? Димитар Димовски, државен советник за урбанистичко планирање во Министерството за транспорт и врски, за Академик објаснува дека Законот за градежно земјиште има сериозен дел со новини, но суштинската новина е што целата постапка ќе се води електронски.

Постапката ќе се води електронски

Како што појаснува Димовски, со Законот за градежно земјиште се уредуваат правата и обврските во поглед на градежното земјиште, уредувањето на градежното земјиште, условите и начинот на располагање со градежното земјиште, како и други прашања од областа на градежното земјиште. Суштинската новина е, додава тој, начинот на водењето на постапката.

„Во овој закон, значи во Законот за градежно земјиште, се предвидува една нова постапка, во суштина нов начин на водење на постапките што се однесуваат на самиот закон во делот на отуѓување, на давање под долготраен и краткотраен закуп на градежно земјиште, воспоставувањето на правото на службеност и доделувањето на трајно користење.  Новиот начин подразбира дека од почетокот, од поднесувањето на барањето, па сѐ до уписот на земјиштето во имотниот лист на новиот сопственик, постапката ќе се води електронски, без да има физички контакт меѓу подносителот на барањето и службеникот што ја води постапката.

Или, пак, што значи тоа во превод?

Тоа значи дека барателот преку компјутер електронски ќе го поднесе барањето до надлежната општина или до министерството, во зависност од тоа кој управува со градежното земјиште“, објаснува Димовски.

Надоместок, мислење од Државно правобранителство и солемнизација на нотар

Државниот советник понатаму истакнува дека, во постапката што ќе се спроведува, електронски договорот ќе се доставува и до Државното правобранителство кое треба да даде свое мислење. Ако е позитивно, како што вели, ќе се врши солемнизација од нотар.

Понатаму, службеникот којшто ќе биде одговорен за да го работи предметот откако ќе ја заврши постапката за доведување на предметот до решение за прифаќање на барањето и договор за отуѓување или давање под закуп на градежното земјиште, повторно електронски го доставува до барателот за да уплати за надоместок за отуѓувањето или давањето под закуп на градежното земјиште во сопственост на Република Македонија.

По плаќањето на надоместокот, барателот електронски ќе ја прикачи уплатницата дека е платено земјиштето, па службеникот електронски го доставува договорот  до Државното правобранителство на мислење.

Ако има позитивно мислење, понатаму електронски се доставува до надлежен нотар за вршење на солемнизација и, исто така, електронски се доставува и до надлежната општина за плаќање на данок.

При пресметката на данокот за промет на недвижности од страна на општината  или Градот Скопје, пресметката електронски се доставува до барателот за да уплати данок.

По плаќањето на данокот, нотарот електронски ја потврдува солемнизацијата и електронски ја доставува до Катастарот за упис на промената во јавните книги за запишување на правата на недвижности.

М.В / veljanoskim@akademik.mk