/ Прочитано:

1.050

Топилницата се брише од Урбанистичкиот план на Велес

Вторник, 16 јули 2013 – Со усвојување на Предлогот за изменување и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови на општина Велес за 2013 година, односно измените на Генералниот урбанистички план (ГУП) се брише Топилницата за олово и цинк од целокупната планска документација, а просторот се пренаменува во заштитно зеленило, пренесува МИА

Оваа одлука, како што информира советничката Валентина Делиманчева Андреева  од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција, ја донеле советниците на Советот на општина Велес на вчерашната седница. 

Во Програмата е опфатено и проширување на ГУП-от за индустриската зона Речани кој предвидува изградба на лесна и незагадувачка индустрија и станбени куќи во оваа област.

Делиманчева Андреева потенцираше дека советничката група на СДСМ без образложение гласала против оваа одлука и додаде дека е нејасно зошто СДСМ е против измената на ГУП, за конечно бришење на топилницата.

„Велешани обединети во изминатиот период во повеќе наврати јавно искажаа дека се против Топилницата во нивниот град. Развојот на локалната економија, пак, преку создавање и проширување на индустриските зони е најзначаен елемент кој му е потребен на градот. Само на тој начин ќе се отворат нови работни места и ќе се зголеми стандардот на населението“, рече Делиманчева Андреева.