/Прочитано:

1.356

Трета обука од првиот циклус обуки „Пишување на правни поднесоци“: Подготовка на договор за купопродажба, статут на трговски друштва, договор за друштво

Денеска во најсовремениот едукативен и тренинг центар на Академик се одржа третата обука од првиот циклус обуки насловен „Пишување на правни поднесоци“.

На денешната трета обука од првиот циклус обуки насловен „Пишување на правни поднесоци“ се говореше за подготовката на договор за купопродажба, статутот на трговски друштва и договорот за друштво.

Предавач на денешната обука беше Југослав Ѓеорѓиевски, државен советник во Министерството за информатичко општество и администрација, кој во своето предавање, покрај прашањата за договор за купопродажба, статут на трговски друштва, договор за друштво, особено се осврна на договорот за купопродажба на земјиште, договор за купопродажба на стоки и  договор за купородажба на моторно возило.

На обуката Ѓеорѓиевски говореше и за изјавата за основање на друштво со ограничена одговорност, како и за изјавата за основање на друштво со неограничена одговорност. Исто така, на обуката детално се елаборираше и прашањето за правата и обврските кои произлегуваат од договорните страни, а детално беше појаснето и прашањето за содржината на договорите.

Посебен интерес предизвика прашањето за договорните пенали за кои на обуката беше предочено дека треба да бидат механизам за извршување на договорите, а не да бидат казна.

Предавачот на денешната обука, Југослав Ѓеорѓиевски, нагласи дека овој тип практични обуки имаат големо значење за студентите по право затоа што обработуваат прашања од областа на деловните односи, со посебен акцент на функционирањето на деловните субјекти од нормативен практичен аспект, со што студентите добиваат одлична основа за нивен понатамошен развој како правници.

„Денешната обука која ја организира Академик ќе ни биде од голема корист во нашиот професионален развој. Самиот факт дека станува збор за практична обука значи дека ние тука се доедуцираме и добиваме практични знаења, кои во суштина претставуваат надополнување на теоретскиот дел кој го добиваме на Правниот факултет ‘Јустинијан Први’ при Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’. Обуката е едно корисно надополнување на нашите досегашни знаења, бидејќи и на нашите предавања учиме за сето ова што го говоревме денеска, но во многу покуса верзија и повеќе теоретски. Она што ни остави впечаток и што најмногу ни се допадна е дека на обуката има постојана интеракција, така што веднаш добиваме одговор од предавачот на прашањата што ги поставуваме, кој пак многу детално ни даде објаснување за подготовка на секој од договорите“, изјавија студентите кои присуствуваа на денешната обука.