/ Прочитано:

1.160

Трговците бараат елиминирање на законските одредби кои им ги зголемуваат трошоците и ги прават неконкурентни

Среда, 27 мај 2015 – Здружението на трговијата ги разгледа текстовите на предлог-законите за изменување и дополнување на законите од областа на трговијата – Закон за трговија, Закон за заштита на потрошувачите и особено Законот за електронска трговија.

Со предложените измени и дополнувања на Законот за електронска трговија ќе се изврши допрецизирање на одредбите што се однесуваат на инспекцискиот надзор, со што ќе се овозможи разграничување на надлежностите меѓу Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата за електронски комуникации во вршењето и спроведувањето на одделни одредби од Законот.

Трговците ги поддржуваат предложените изменувања и дополнувања на Законот за електронска трговија бидејќи, како што велат, со нив се придонесува за поголема правна сигурност во одвивањето на електронската трговија.

Компаниите-членки на Здружението на трговијата укажуваат дека покрај овие измени на Законот потребни се и дополнителни мерки и законски измени со цел унапредување на електронската трговија во Република Македонија.

„Од технички аспект, за да се постигне помасовно користење, да се пропишат и други форми на електронска фактура и други технологии за утврдување автентичност и обезбедување интегритет на електронската фактура“, велат од Здружението на трговијата.

Трговците предлагаат дека за да се подигне свеста за корисноста на употребата на електронската трговија, потребни се мерки за промоција и информирање меѓу граѓаните како потенцијални купувачи, да се воспостави контакт-точка за електронска трговија со цел давање информации на заинтересираните субјекти за правните аспекти при примената на електронската трговија, да се собираат и да се обработуваат податоците за состојбата и напредокот во областа на електронската трговија и да се организира промотивна кампања и други активности со вклучување на сите засегнати страни во е-трговијата во Република Македонија.

„За зајакнување на поддршката на институциите за развој на е-трговијата потребно е да се одржат работилници со заинтересираните стопански субјекти во Република Македонија, да се усогласи законската регулатива со Директивата на ЕУ за дефинирање на односите на е-трговците со потрошувачите со цел подобрување на имиџот и развојот на електронската трговија во Република Македонија“, велат од Здружението.

Здружението на трговијата ја истакнува потребата од анализирање на сите закони и прописи и елиминирање на законските одредби што ги зголемуваат трошоците на работењето на трговските компании во Република Македонија, што ги прави компаниите неконкурентни на пазарот.

„Донесувањето на квалитетни закони директно ќе влијае на намалување на наметнатите непотребни трошоци на членките на Здружението на трговијата“, нагласуваат оттаму.

M.В