/ Прочитано:

760

Трговците и извршителите во работни групи за законски измени – бараат брза наплата на побарувањата

Среда, 4 ноември 2015 – Здружението на трговијата одржа состанок со претставници од Комората на извршителите на Република Македонија, со цел разгледување на спорните прашања поврзани со примената на Законот за извршување, а во функција на ефикасна наплата на побарувањата на доверителите, информираат од Стопанската комора на Македонија.

„На средбата се разгледаа проблемите поврзани со неможноста за спроведување на повеќе извршни дејствија во исто време заради наплата на побарувањата (блокада на сметка и попис на имотот на должникот) заради ограничувањата во законот, со што постапката се одолговлекува и се оневозможува брза и ефикасна наплата; можноста за воспоставување регистар на побарувања за кои е поведена постапка за извршување, од кој ќе може да се воочат и проблематичните случаи каде што постојат застои во постапките за извршување, со цел да се идентификуваат причините за застојот; ограничуваањата на извршителите за постапување во случаите кога седиштата на деловните субјекти се наоѓаат во нивни приватни живеалишта, станови и слично; одолговлекувањето на постапките во случаите кога за секое извршно дејствие се користи правото на приговор и жалба и разгледување на можноста за соодветно законско решение што ќе овозможи побрза постапка; проблемите поврзани со постапката за извршување во случај на отворање стечајна постапка, како и административните трошоци за спроведување на извршните дејствија и можноста за нивно намалување преку можноста за електронско поврзување на сите институции заради поефтина постапка на извршување, вклучувајќи ги и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за вработување, Централниот депозитар за хартии од вредност и други надлежни институции“, велат од Стопанската комора.

Од Комората истакнуваат дека врз основа на дискусијата, произлегла и потребата за спроведување на истражување меѓу членките на Здружението на трговијата, но и членките на Комората од другите дејности, кои имаат практични проблеми во врска со спроведувањето на определени одредби од Законот за извршување.

„Стопанската комора на Македонија и Комората на извршителите на РМ ќе формираат работна група која ќе ги идентификува и аргументира проблемите со кои се соочуваат засегнатите страни во постапката за извршување, со цел истите да бидат предмет на натамошни измени и дополнувања на соодетните законски прописи со кои истите се регулирани, а во функција на ефикасна постапка за извршување, која ќе овозможи брза наплата на побарувањата кои не можеле да се наплатат по доброволен пат, а за кои постои соодветен законски основ“, додаваат од Стопанската Комора на Македонија.

M.В