/ Прочитано:

1.565

ТРИ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ВЕРУШЕВСКИ: „Ова не е правда, ова е патологија“ – вели тој

Четврток, 16 јули 2015 – Основниот суд Скопје 1 денеска му изрече три години затвор на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, поради недозволено држење оружје.

Судијката Ленка Давиткова, при изрекувањето на пресудата, рече дека Судскиот совет ги ценел олеснителните и отежнителните околности и дека пресудата е донесена врз основа на Правилникот за одмерување на казните. Таа истакна дека ова претставува минимална казна за ова дело.

Верушевски слушајќи ја пресудата, пред да го изнесе полицијата од судницата, и покрај опомената од судијката, се обрати кон новинарите и рече дека со оваа пресуда се докажуваат забелешките од извештајот на Прибе, Европската комисија и Стејт департментот дека Македонија не е правна држава и дека недостасуваат основните стандарди на демократско општество.

„Ова не е правда, ова е патологија“, извикуваше Верушевски во судницата.

Тој, исто така, на новинарите во судницата им подели соопштение потпишано од него во кое се вели:

„Ова не е правда, ова е партиско-системска патологија – агресија врз слободата и демократијата, врз владеењето на правото и правната држава, врз човечкиот интегритет и достоинство.

И јас, како и Зоран Заев, не го признавам овој суд затоа што тој не може да го сопре времето на слободата и демократијата кое со сета своја силина доаѓа во Република Македонија“.

Одбраната: судот и обвинителството работат под принуда на власта

Одбраната најави дека ќе ја обжали пресудата пред повисокиот суд. Според бранителот Ангеле Илиевски,  судот и обвинителството работат под принуда на власта.

„Пресудата ја слушнавте сите. Одбраната ја знаеше оваа пресуда – беше напишана уште пред 15 дена, но сепак очекувавме ослободителна пресуда, сметајќи дека судот и обвинителството ќе се одважат. Меѓутоа, очигледно дека си работат и понатаму под принуда на власта“, изјави Илиевски.

Инаку, Верушевски, според Обвинителството, и по прекинување на работниот однос во МВР, не се раздолжил од пиштолот марка „црвена застава“, па оттука се гони за  кривичното дело недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Според Верушевски, пак, досега МВР со ниту еден правен акт нема адресирано барање до него за да го врати оружјето, кое го поседувал од 1982 година. Одбраната во текот на главната расправа тврдеше дека не може да стане збор за неовластено држење оружје од причини што не престанал правниот основ кој настанал со потврдата за задолжување.

 Верушевски во завршниот збор потенцираше дека и сведокот од МВР посочил дека службената белешка од МВР за службениот пиштол е сè уште на сила и не е временски ограничена.

„Очекувам дека станува збор за административно-правни недостатоци во работата на УБК и на МВР, поради што е настаната оваа ситуација, бидејќи доколку постоеше поинакво објаснување, ќе имаше и соодветна документација за истото“, рече тој.

Бранителите и во завршните зборови останаа на позицијата дека во никој случај не може да стане збор за кривично дело и дека единствената санкција за постапување спротивно на Упатството на МВР може да биде или дисциплинска мерка или парична казна.

Тие потсетија на предмет што се водел во Основниот суд во Струга пред неколку години, каде што Верушевски бил сведок и во кој се споменува истото оружје кое тогаш воопшто не било оспорено од надлежното јавно обвинителство и од судот.

Според одбраната, документацијата и доказите изведени на главната расправа недвосмислено укажуваат на задолжување на оружје од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), односно Кабинет на Управата, а не за лично задолжување на Верушевски.

Обвинителката, пак, во својот завршен збор направи анализа на доказите истакнувајќи дека се докажало делото што му се става на товар.

Таа побара од Судот да го прогласи Верушевски за виновен.

„На обвинетиот му престанало својството на лице со посебна должност и тој имал обврска да се раздолжи од оружјето“, потцрта таа.

Ексразузнавачот Верушевски, исто така, е првообвинет во случајот „Пуч“, за кој стартот на главната расправа е закажан за 5 август.

E.П. / pavlovskae@akademik.com.mk