/ Прочитано:

803

ЦЕФТА на 22 јули ќе расправа за мерките за увоз на пченица од Србија

Вторник, 9 јули 2013 – Секретаријатот на ЦЕФТА на 22 јули ќе одржи седница по повод уредбата на Владата на Македонија за ограничувањето на увозот на брашно и пченица од Србија, потврди српското Министерство за трговија.

Министерот за трговија Расим Љајиќ минатата недела упати писмото до  Секретаријатот на ЦЕФТА со итно барање да се одржи вонредна седница на ова тело, поради мерките кои ги воведе Македонија, со кои, како што наведуваа српските медиуми, прекршен е договорот на ЦЕФТА.

Претседавач со ЦЕФТА оваа година е Босна и Херцеговина. Србија засега нема воведено мерки на реципроцитет против Македонија, иако српската Влада во петокот најави такво нешто, доколку во наредните десет дена не се реши проблемот со ограничувањето на увозот на брашно и пченица од Србија во Македонија. Во тој случај, како што беше најавено, ќе се разгледа ограничувањето на увозот на македонско вино и домати. Македонската влада донесе одлука со која за килограм увезена пченица, македонските увозници мораат да купат три килограми домашна, а за килограм брашно да купат четири килограми домашна пченица.