/ Прочитано:

1.039

(ФОТО) Учесниците во насилни протести за „Монструм“ се изјаснија како невини, судовите бараат вкупна отшета од 25 илјади евра

Понеделник, 21 јули 2014 – Не сме виновни – тврдат осуммината демонстранти кои денеска седнаа на обвинителна клупа под сомнение дека за време на насилниот протест во Скопје против пресудата за „Монструм“ со камења и дрва повредиле дваесетина полицајци и  ги оштетиле фасадите на двата основни скопски суда.

Ги спречувал „Алфите“ да не земаат овошје од дуќан кај Јаја Паша, бил во Чаршија на кафе, стоел на автобуската постојка на Бит Пазар… – ова беше наведено во воведните говори на дел од демонстратите, кои се товарат за  „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.

Дел од обвинетите, пак, признаа дека биле дел од топлата што протестираше, но тие се децидни дека се невини, односно дека протестирале мирно.

Бранителот Асмир Алиспаиќ наведе дека одбраната ги нема доказите врз чија основа се потпира обвинението, што, како што рече, е спротивно новиот Закон за кривичната постапка. Тој исто така истакна дека секој има право на протест и тоа право е уставно загарантирано, но дека Обвинителството нема докази дека неговиот клиент учествувал во каменувањето на судовите.

Во својство на сведоци беа сослушани претставници на Кривичниот и на Граѓанскиот суд, кои се  јавуваат како оштетени во процесот. Основниот суд Скопје 1, преку својот претставник пријави oтштетно побарување  од 43 илјади денари и се приклучи кон кривичниот прогон. 

„Бев во својата канцеларија. Имавме сознанија дека ќе има мирни протести. Околу 14 часот пред Судот дојде група од 1.500 лица и во еден момент почнаа да флаат со камења по Судот. Ги повлековме вработените во ходниците, далеку од прозорците. Беше непријатно, луѓето беа исплашени, никогаш не ни’ се случило ова“, истакна тој. 

Кон кривичниот прогон, преку својот претставник се приклучи и Основниот суд Скопје 2, кој, пак, пријави отшетно побарување во висина од 1,5 милиони денари. Како што истакна, при каменувањето биле искршени 40 прозорци.

„Станува збор за многу скапи стакла кои чинат 400 евра квадрат“, подвлече преставникот на Граѓанскиот суд. 

Судењето ќе продолжи утре со распит на сведоци на Обвинителството. 

Во петокот, Основниот суд во Тетово  за истото дело на десетина демонстранти им изрече условна осуда.

( E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)