/ Прочитано:

1.570

УЈП очекува повеќе од 400 илјади граѓани да поднесат даночна пријава

УЈП апелира граѓаните да не го чекаат последниот рок за поднесување годишна даночна пријава со цел да се избегнат метежите на даночните шалтери. Даночната обврска граѓаните може да ја завршат и по електронски пат и по пошта.

До 15 март, до кога е последниот рок за поднесување годишна даночна пријава, Управата за јавни приходи очекува повеќе од 400 илјади граѓани да ја завршат оваа обврска.

УЈП информира дека до понеделникот, односно заклучно со 13 февруари, даночната обврска ја исполниле 51 616 граѓани.

„Апелираме граѓаните да не ги чекаат последните денови пред истекот на рокот (15 март 2017) за поднесување на Годишна даночна пријава (образец ПДД-ГДП) со цел избегнување на метежи на даночните шалтери.  Имено, заклучно со 13.2.2017 година, 51 616 граѓани ја исполнија својата даночна обврска, а во наредниот период се очекува уште над 350 илјади даночни обврзници да ги пријават приходите во УЈП, односно обврзниците кои во изминатата 2016 година, освен плата или пензија или приход од земјоделска/самостојна дејност, оствариле и други дополнителни приходи (види http://www.ujp.gov.mk/mk/javnost/soopstenija/pogledni/587)“, соопшти денеска Управата за јавни приходи.

Од УЈП нагласуваат дека жителите на другите градови кои живеат, работат, студираат во Скопје, годишната даночна пријава може да ја поднесат во Контакт-центарот на УЈП, на новата локација во зградата на Регионална дирекција Скопје, (ул. „11 Октомври” бр. 27, 1000 Скопје). Даночната обврска граѓаните може да ја завршат и по електронски пат и по пошта.

„Доколку сте регистриран корисник на е-Даноци http://etax.ujp.gov.mk, поднесете ја пријавата електронски. Годишната даночна пријава можете да ја поднесете и по пошта (во 1 примерок) на адресата на надлежната Регионална дирекција на УЈП (види http://www.ujp.gov.mk/mk/kontakt).

Годишна даночна пријава поднесуваат граѓаните кои во изминатата 2016 година освен плата или пензија или приход од земјоделска/самостојна дејност, оствариле и други дополнителни приходи.

Од досега поднесените пријави, како што информира УЈП, најмногу се во Штип, 13 321, потоа Скопје 12 794, Битола 8 315, Прилеп 9 075, Струмица 5 881 и Тетово    3 182 годишни даночни пријави. Најголемиот дел од нив се поднесени писмено, а 251 пријава се поднесени електронски.

А. Б.