/ Прочитано:

518

Протести и апсења во Унгарија за новиот данок за интернет: „Слободна Унгарија, слободен интернет“

Понеделник, 27 октомври 2014 – Илјадници Унгарци протестираа поради најавениот данок за сообраќај на податоци на интернет. Тие велат дека данокот не само што дополнително ќе го преоптовари нивниот буџет, туку и ќе ги ограничи демократските права и слободи. За нив новиот данок е „Удар по џебот, но и удар по демократијата“.

Владата на премиерот Виктор Орбан во вторникот објави дека Нацрт – законот предвидува интернет провајдерите да плаќаат данок од 150 форинти за гигабајт интернет сообраќај.

Иако според законските решенија се предвидува дека  новиот данок ќе го плаќаат интернет провајдерите, граѓаните веруваат дека тој ќе се одрази на обичните корисници, посебно што Асоцијацијата на ИТ, телекомуникациски и електронски компании веќе изјавила дека данокот ќе ги примора да ги зголемат цените.

Ова беше причина во илјадници граѓани да излезат пред Министерството за економија, велејќи дека оваа мерка е недемократска, неевропска и дека  ќе го наруши правото за пристап на интернет.

„Слободна Унгарија, слободен интернет“, извикуваа гневните демонстранти.

Демонстрантите со симболично кревање на мобилните телефони го осветлија плоштадот пред министерството, а потоа одеа до Плоштадот на хероите во Будимпешта.

Дел од гневните граѓани отидоа пред седиштето на партијата на Орбан и со маски на лицата фрлаа разни предмети и стари делови од компјутерии, кршејќи го прозорците, за потоа да се качат и на терасата на зградата.

Унгарската полиција приведе шест демонстранти поради упад во седиштето на партијата Фидес и вандализмот по вчерашните антивладини демонстрации.

Четворица мажи од Будимпешта и двајца од други градови уапсени се поради вандализмот во седиштето на владејачката партија Фидес по масовните демонстрации против новите владини планови за воведување на данок на интернет.

Организаторите и дадоа 48 часа рок на владата да го повлече спорниот закон и се заканија со нови протести во вторник.