/ Прочитано:

2.244

Условна казна за градоначалникот на Чучер Сандево за претепување на сограѓанин

Петок, 2 мај 2014 – Скопскиот Кривичен суд го осуди на условна казна градоначалникот на Чучер Сандево, Јован Пејковски, и уште две лица вработени во оваа Општина за нанесување телесна повреда на сограѓанин.

Kазна затвор од три месеци која нема да се изврши доколку во период од една година не го повторат делото им е изречена на градоначалникот на Чучер Сандево, Јован Пејковски, и на уште две лица вработени во оваа Општина бидејќи минатата година го претепаа нивниот сограѓанин Сашо Каровчевиќ.

Според тужителот Каравочевиќ до овој немил настан дошло бидејќи тој не гласал на локалните избори 2013 за Пејковски. Неговата верзија во која, меѓудругото, наведува дека градоначалникот го гризнал за лице, тужените ја негираа. Тие во своја одбрана тврдеа дека тој се појавил во канцеларијата на градоначалникот, им се обраќал со пцовки и погрдни зборови, по што Пејковски само го плукнал в лице.

Весникот „Вест“, кој ја следеше оваа постапка, пишува дека во судница сведочел и лекар кој ги потврдил повредите на Каровчевиќ.

Тужителот и неговиот адвокат Јанаки Митровски најавуваат и граѓанска постапка каде ќе бараат надомест за штета од Пејковски.