/ Прочитано:

640

Уставниот суд и денеска забрани аудио и визуелно снимање

Среда, 18 јуни 2014 – Oстана во сила одлуката на претседателката на Уставниот суд Елена Гошева  за забрана на аудио и визуелно снимање на седниците. На телевизиските екипи и денеска не им беше дозволено да ја проследат професионално седницата на Судот, пренесува Телма.

Гошева минатата среда ги затвори вратите за снимање на седниците под образложение дека снимателите ја попречуваат работата на судиите.

Според Деловникот, работата на Уставниот  судот е јавна, а и досега не е забележана ваква пракса, па на одлуката реагираа и Здружението на новинарите на Македонија, како и Хелсиншкиот комитет.

„Бараме Уставниот суд да им одговори на граѓаните, новинарите и медиумските работници како е донесена спорната одлука, дали постапката која претходела на нејзиното донесување е согласно Деловникот и кои се причините за нејзиното донесување. Доколку претседателката по своја проценка одлучила да ја прекине праксата на аудио визуелно снимање без запазување на соодветна постапка и без цврсто оправдани причини, сметаме дека треба да поднесе оставка од функцијата претседателка на Уставниот суд, поради очигледната неуспешност целосно да го заштити правото на јавно информирање и интегритетот на институцијата Уставен суд“, истакнаа преку соопштение од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.