/ Прочитано:

849

УСТАВНИОТ СУД: Недостатокот на квалификацијата „со правосилна пресуда“ е повреда на пресумпцијата на невиност

Вторник, 14 јули 2015- Уставниот суд го укина членот 15 алинеја 3 од Законот за основање на Агенцијата за енергетика на Република Македонија.

На седницата Судот утврди дека, според членот 15 од Законот за основање на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, член на Управниот одбор и директорот се разрешуваат во следниве случаи: по истекот на мандатот (алинеја 1), на негово барање (алинеја 2), поради сторено кривично дело за кое му е изречена казна затвор во траење од повеќе од шест месеци (алинеја 3), во случај на спреченост поради болест во траење повеќе од шест месеци непрекинато (алинеја 4), кога работи спротивно на одредбите од овој закон (алинеја 5) и во други случаи предвидени со закон (алинеја 6).

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, а притоа имајќи ја предвид содржината на оспорениот член 15 алинеја 3 од Законот за основање на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, според Судот, правните последици не можат да настапуваат автоматски по сила на закон, туку дека тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, односно дека казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречената казна за лицето, јасно наведено во оспорената алинеја на наведениот член од Законот.

Имено, Судот оцени дека натамошни последици од неговото извршување, односно од изрекувањето на казна затвор за дела точно неутвр­дени, претставуваат ограничување на правата на граѓаните, што не е допуштено, освен ако не е тоа изречно утврдено со Уставот.

„Имајќи го предвид наведеното, според Судот предвидувањето на изрекувањето казна затвор во траење од шест месеци како услов едно лице да биде разрешено од функцијата член на Управниот одбор или директор, мора да биде во согласност со општите правила и рамки за пропишување на правните последици од осудата утврдени во Кривичниот законик. Значи, осудуваноста како услов едно лице да биде разрешено од Управниот одбор може да егзистира само за конкретно предвидени кривични дела за кои на сторителот му е изречена казна затвор со правосилна судска пресуда“, сметаат од Уставниот суд.

Според Судот, оваа оспорена одредба поради нејзината непрецизност, не е во согласност со членот 13 став 1 и членот 14 став 1 од Уставот, од причини што недостатокот на квалификацијата „со право­силна пресуда”, претставува директна повреда на уставното начело на пресумпција на невиност бидејќи доведува до тоа лицето да се смета за виновно пред неговата вина да биде утврдена со правосилна судска одлука.

M.В