/ Прочитано:

2.076

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за вонсудско спогодување кои упатуваат на непостојни и неважечки закони

Уставниот суд на Република Македонија поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 и член 28 од Законот за вонсудско спогодување.

Оспорените членови 2 и 28 од Законот за вонсудско спогодување, се наведува во Иницијативата до Уставниот суд, упатуваат на непостојни и неважечки закони, што е во директна спротивност на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

„Начелото на владеење на правото, предвидено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, по својата суштина предвидува дека во правниот поредок на Република Македонија треба да постојат јасни, прецизни и концизни норми. Доколку тие во себе содржат упатување на примена на други одредби или примена на други прописи, потребно било тие да бидат дел од правниот поредок, односно нивниот назив да биде правилен, за да не дојде до забуна во операционализацијата“, вели  Игорчо Точев, подносител на Иницијативата до Уставниот суд.

Како што образложува Уставниот суд, во членот 2 од Законот за вонсудско спогодување се пропишува дека при спроведување на постапката за вонсудско спогодување ќе се применуваат и одредбите од Законот за уредување на рокови за намирување на паричните обврски настанати при деловни трансакции.

„Судот од увидот во регистрите на правни прописи, како и од увидот на веб-страницата на Собранието на Република Македонија, утврди дека во правниот поредок на Република Македонија не постои Закон за уредување на рокови за намирување на паричните обврски настанати при деловни трансакции при спроведување на постапката за вонсудско спогодување. Оттаму, оспорениот дел од членот 2 од Законот за вонсудско порамнување упатува на примена на непостоен закон“, истакнуваат од Уставниот суд.

Дека наведениот закон не постои, додаваат од Судот, се потврдува и од мислењето на Владата на Република Македонија бр.42-5284/1 од 25.8.2016 година доставено до Судот по повод конкретната иницијатива.

Подносителот на Иницијативата, пак, вели дека од содржината на оспорената одредба од Законот за вонсудско спогодување неоспорно произлегувало дека при спроведување на постапките за вонсудско спогодување ќе се применуваат и одредби од друг пропис кој, всушност, во правниот поредок бил евидентиран како Закон за финансиска дисциплина.

Понатаму, посочуваат од Уставниот суд, според член 28 точка 1 од истиот закон, извештајот за финансиската состојба и работењето на должникот содржи, меѓу другото, и финансиски извештаи во согласност со Законот за сметководство кои не се постари од три месеци од денот на поднесувањето на барањето за спроведување на постапката за вонсудско спогодување. Одредбата се оспорува во делот: „Законот за сметководство“.

„Членот 28 точка 1 од Законот за вонсудско спогодување предвидува извештајот за финансиската состојба да содржи финансиски извештаи во согласност со Законот за сметководство, кој е пропис што престанал да важи сметано од 26.7.2002 година кога влегол во сила Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници (‘Службен весник на Република Македонија’ бр.61/2002).

Имено, членот 32 од Законот за сметководството на буџет и буџетските корисници предвидел дека, со денот на влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за сметководството (‘Службен весник на Република Македонија’ бр. 42/93, 48/93, 6/95, 32/98, 39/99, 70/2001 и 36/2002). Според тоа, членот 28 точка 1 од Законот за вонсудско спогодување упатува на примената на пропис кој престанал да важи“, истакнуваат од Уставниот суд, додавајќи дека наведените факти не се оспоруваат од страна на Владата на Република Македонија во доставеното мислење.

„Од наведеното произлегува дека членот 2 од Законот упатува на примена на пропис кој воопшто не постои во правниот поредок, а членот 28 од Законот упатува на пропис кој одамна престанал да биде дел од правниот поредок на Република Македонија, што според оцена на Судот ја доведува под сомнение согласноста на одредбите со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и принципот на владеење на правото“, образложуваат од Уставниот суд.

М.В