/ Прочитано:

1.665

Уставниот суд поведува постапка: Неплатената адвокатска членарина не е пречка за мирување или откажување од дејноста

Уставниот суд на Република Македонија донесе Решение со кое се поведува постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 83 став 7 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија. Судот смета дека наводите во иницијативата со која се оспорува посочената одредба се основани.

Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 22 октомври 2014 година, донесе решение со кое се покренува постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 83 став 7 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија.

Оспорениот член 83 став 7 од Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија:

„Адвокатската комора има право да одбие барање на адвокат за донесување на решение за престанок на адвокатска дејност, мирување на адвокатска дејност или друго барање по однос на кое треба да постапи адвокатската комора доколку адвокатот има неплатена чланарина, освен доколку до денот на одлучувањето адвокатот ја плати чланарината. За одбивање на барањето, решение донесува соодветниот орган на Комората. Против ова решение е дозволена жалба во рок од 15 дена до Управниот одбо на АКРМ. Против конечното решение може да се поведе управен спор“

Според наводите на подносителот на инцијативата, Александар Цветков од Битола, оспорениот член не е во согласност со една од темелните вредности на уставниот поредок, а тоа е поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, со член 51 и 53 од Уставот како и со членовите 23 и 24 од Законот за адвокатурата.

Како што наведува подносителот во Иницијативата, со оспорената одредба Адвокатската комора ги презела ингеренциите на законодавната власт и во статутот вметнала одредби кои воопшто не постојат во Законот за адвокатура.

Имено, според подносителот неплатената чланарина според членот 23 и 24 од Законот за адвокатурата воопшто не претставуваат законска пречка или услов за остварување на правото на адвокатот да се откаже од правото на вршење на адвокатска дејност ниту правото да бара мирување на дејноста.

Според подносителот неспорно е јавното овластување на Адвокатската комора да врши упис во и бришење на адвокатите од именикот, но таквото овластување мора да биде во согласност со Законот за адвокатура во кој условот за платена членарина не постои.

Освен тоа, додава подносителот, како темелна вредност на уставниот поредок е владеењето на правото кое подразбира јасност, применливот и непротивречност на правните норми со оспорената одредба која била противречна, нелогична и оскудна се повредува овој постулат.

„Тргнувајќи од наведените уставни одредби,анализата на Законот за адвокатура како и содржината на Статутот на Адвокатската комора со која се уредува финансирањето на Адвокатската комора и прашањето на престанок на вршењето на адвокатската дејност на адвокатот поради неплаќање на членарина, Судот смета дека наводите во иницијативата се основани. Ова од причина што прашањето на престанок на вршењето на адвокатската дејност е една од причините поради кои на адвокатот согласно законот му престанува вршењето на дејноста“, се наведува во Решението на Судот.

Судот наведува дека, во конкретниов случај, Адвокатската комора поради фактот што адвокатот не ја платил членарината која му е законска обврска, нема да донесе решение односно ќе го одбие барањето на адвокатот кој самоволно бара да му престане адвокатската дејност или бара мирување освен ако во меѓувреме ја плата членарината и барањето ќе го одбие со решение против кое е дозволена жалба, по конечноста на решението адвокатот кој барал престанок или мирување на адвокатската дејност има право да поведе управен спор.

„Според мислењето на Судот, Адвокатската комора со оспорениот член 83 став 7 од Статутот сакала да ги дисциплинира адвокатите во смисла навремено да ја исполнат законската обврска за плаќање на членарината што е пожелно, меѓутоа се поставува прашањето дали со ваквиот начин на уредување на барањето за престанок или мирување на адвокатската дејност ги надминала своите овластувања.Имено, според Судот, Адвокатската комора е должна да го прифати барањето за престанок на вршење или мирување на адвокатската дејност, односно да донесе решение за престанок , потоа определено според според временската рамка за секој случај пооделно да бара намирување на т.н долг плаќање на членарина.Тоа поточно значи дека донесувањето на решението за престанок на вршење на адвокатската дејност, Адвокатската комора не може да го условува со плаќање на членарината од причина што основано се поставува прашањето дали со таквото условување се доведува во прашање уставно гарантираното право на работа и слободен избор на вработување утврдено во член 32 од Уставот“, се заклучува во Решението на Уставниот суд.

11.11.2014/ M.В/ veljanoskim@akademik.mk