/ Прочитано:

798

Уставниот суд расправаше и одлучуваше за уставноста на одредби од три закони, три подзаконски акти и еден колективен договор

Четврток, 24 април 2014 – Уставниот суд на Република Македонија расправаше и одлучуваше за уставноста на одредби од три закони, три подзаконски акти и еден колективен договор.

Судот не поведе постапка за член 113 став од Законот за енергетика донесен 2011 година. Во одредбата се предвидува, Регулаторната комисија за енергетика по барање на производителот да го определува надоместокот што го добива производителот за обезбедување на услугите во системот за топлинска енергија. Надоместокот се состои од два дела. Првиот е за обезбедување на системски услуги и системска резерва, и регулирана цена за произведената топлинска енергија. На денешната седница Уставниот суд ја отфрли иницијативата која се однесува на член 64 ставовите 1 и 2 од Закон за денационализација донесен 1998 и шест пати дополнуван до 2013 година. Во одредбата се уредува преодниот поредок околу имот за кој е поднесено барање за денационализација. Судот утврди дека за овој член постои автентично толкување од Собранието на Македонија донесено во февруари 2014 година и нема нееднаквост и дека во 2011 веќе се произнел со решение за неповедување на постапка за истиот член. Судот ја отфрли иницијативата во која се оспоруваат членовите 98 ставовите 3, 4 и 8 и член 125 А од Закон за парнична постапка донесен 2005 година и три пати дополнуван. За овие одредби Уставниот суд веќе одлучувал во 2011 година кога и не повел постапка. Уставниот суд не поведе постапка за член 68, став 1, точка 6 и член 73 А, став 2 од Деловникот на Владата на Република Македонија донесен 2001 година и дополнуван 30 пати до сега. Судот ја отфрли иницијативата за два подзаконски акти од општина Карпош кои се однесуваат на одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од касарната Илинден и објава за оттуѓување на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија. Судот ја запре постапката за три одредби од Колективниот договор на АД МНАВ донесен 2012 година. За овој Колективен договор Судот на 5 март 2014 година поведе постапка. Постапката е запрена бидејќи на 7 април 2014 година од МНАВ добиле известување дека на 17 јануари 2014 година бил потпишан нов Колективен договор со што претходниот престанал да важи. На седницата Судот го утврди текстот на одлуката со која е одбиено барањето за заштита на слободата на јавното изразување поднесено од шест новинари, како и текстот со кое е отфрлено барањето на Здружението на новинари на Македонија.