/ Прочитано:

1.243

Уставниот суд укина две одлуки донесени од ЈКП „Скопска Црна Гора“ и од Општина Чучер Сандево

Среда, 25 март 2015 – Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница укина две одлуки за измена и дополнување на Одлуката за утврдување на цената на комуналната услуга за собирање, транспорт и одлагање на комунален – цврст отпад од правните субјекти, донесени од Управниот одбор на ЈКП „Скопска Црна Гора“ и од Советот на Општина Чучер Сандево. Судот ги укина овие одлуки затоа што смета дека утврдувањето на цената за комуналната услуга не била соодветно определена во согласност со Законот за управување со комунален отпад.

Судот не поведе постапка за иницијативите поднесени за одредбите од Тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија за потрошувачите приклучени на дистрибутивниот систем на ЕВН Македонија АД Скопје и на одредбите од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на мали потрошувачи приклучени на дистрибутивниот систем во сопственост на АД ЕЛЕМ – Скопје. И  двата тарифни системи кои се донесени од Регулаторната комисија за енергетика, според Судот, не се проблематични од аспект на Уставот и законот и поради тоа не е поведена постапка. 

На денешната седница судиите разгледаа и Барање за заштита на законитоста и одлучија за него да се одржи јавна расправа.

Подносители на Барањето до Уставниот суд се вработени лица во ЈП „Комуналец Гостивар“ кои биле прераспоредени на други работни места поради својата политичка припадност. Тие бараат од Судот заштита на слободите и правата од аспект на дискриминација врз основа на политичка припадност. Судот одлучи да одржи јавна расправа за да се утврди фактичката состојба пред да утврди дали има или нема повреда на слободите и правата во овој случај.