/ Прочитано:

759

Уставните амандмани добија поддршка од матичната Комисија

Петок, 9 јануари 2015 – Собраниската Комисија за уставни прашања денеска ги изгласа предлозите на осумте амандмани на Уставот за коишто Собранието треба да сеизјасни на седницата закажана за 20 јануари. Изјаснувањето беше поединечно за секој aмандман.

За пратениците од владејачкото мнозинство предлог – амандманите беа прифатливи, додека ДПА се изјасни дека е против вакви амандани иако нејзините пратеници не гласаа воопшто.

Заменик – министерката за правда Билјана Бришкоска Бошковски во врска со амандманот за дефинирањето на бракот рече дека поради неговата исклучителна улога за развојот наопштеството, бракот станал исклучителна значајна форма на правна врска.

„Моралните, етичките и верските начела на сите религии во Република Македонија го определуваат бракот како животна заедница исклучиво меѓу само една жена и еден маж“, рече заменик-министерската.

Во предлог-амандманот бракот се дефинира како животна заедница исклучиво меѓу само една жена и само еден маж, додека за правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница е наведено дека се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

ДПА не смета дека предложените уставни амандмани се приоритетни во моментот. Според нив тие не се во интерес на Албанците. Распределбата на средствата со буџетот, развојните економски зони, вработувањата и употребата на албанскиот јазик за нив се темите кои се поважни.

За пратениците беше прифатлив и уставниот амандман којшто се однесува на основање меѓународни финансиски зони чие работење и организација, како што се предлага, ќе се доуреди со закон.

Во врска со финансиските зони, пратеникот Павле Трајанов од ДС рече дека е добро што Владата ги прифати сугестиите на голем број експерти, од Парламентот, од ЕУ и од Венецијанската комисија.

„Сега имаме друга содржина дека зоните ќе се основаат со закон“, посочи Трајанов.

 Заменик-министерката за правда Бришкоска – Бошковски не го прифати предлогот на пратеникот на ДУИ и потпретседател на Парламентот Рафиз Алити, Законот за уставниот суд освен со двотретинско мнозинство да се гласа и со Бадинтерово мнозинство.

Предложен е амандман со кој е предвидено Владата да ја утврдува фискалната политика во Република Македонија во рамки на утврдени фискални правила и тоа дефицитот на буџетот да не смее да надмине три отсто од БДП, а јавнот долг да не смее да надмине ниво од 60 отсто од БДП. Во овој амандман се предвидува Владата на Република Македонија да може само во исклучителни ситуации да отстапи од утврдените фискални правила и тоа во случај на природни катастрофи и екстерни шокови кои влијаат на загрозување на националната безбедност, здравјето на луѓето или во случај на значителен пад на реалниот БДПСо предлог амандманите се предвидува преименување на Народната банка на Македонија во Банка на Република Македонија, Собранието да го избира и разрешува главниот ревизор, а Судскиот совет да го сочинуваат 15 члена.

Собраниската седница за уставните амандмани е закажана за 20 декември. Најнапред ќе се гласа за утврдување на предлозите за што е потребно обично мнозинство, а потоа со 82 гласа односно двотретинско мнозинство ќе се гласа за секој од предложените амандмани.

Двотретинско мнозинство е потребно и за изгласување на Уставниот закон, којшто исто така беше поддржан на денешната седница на Комисијата.

Извор: МИА