/ Прочитано:

1.390

(ГАЛЕРИЈА) МАСОВЕН СТУДЕНТСКИ МАРШ: „Ние сме силата!“

Помасовно од претходно, студентите повторно го кренаа својот глас против воведувањето на државниот испит во високото образование. „Ние сме силата“, „Екстерно за Владата“ и „Сега ќе нè чуете“, „И од образованието сакате да направите споменик“, „Јас сум студент, а не марионета“, Студентот има должност да го заштити Универзитетот“, беа само дел од паролите на студентите испишани на македонски, албански, турски и на англиски јазик на денешниот протест.

Протестниот марш се движеше од платото на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ кон Собранието и заврши пред Владата.  По пат студентите добија поддршка од голем број луѓе, кои им се приклучија во маршот.

„Ова е политика на неконзистентност во високото образование. Ова се реформи кои се експериментални и тие ќе предизвикаат значителна штета врз квалитетот на студентите. Доколку сте искрени и чесни, ќе ја запрете оваа мерка и ќе пристапите кон сериозни реформи во високото образование“, истакнаа студентите пред Владата.

Од Студентскиот пленум до Владата доставија барање  во кое на шест страници ги образлагаат нивните аргументи против воведување државен испит на факултетите. Пленумот бара повлекување на предлогот за државен испит и преиспитување на акредитациите на универзитетите во Македонија. Не се разочараа бидејќи никој не се појави да го прими нивното барање, остануваат прибрани и отворени за дијалог.

„Ние сме подготвени да разговараме за позитивни реформи. Пленумот бара наместо државен испит, разгледување на акредитациите што им се дадени на универзитетите и студентските програми и ако тие не се добри, да се укинат. Кога министер излегува со изјава дека јавна тајна е дека во Македонија се купуваат дипломи, вината е нивна и тие треба да ги разгледаат лошите одлуки што ги донеле. Со колективна казна не можеме да направиме позитивни промени во образованието“, потцрта Анастасија Петреска од Студентскиот пленум.

E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk

Ви пренесуваме дел од атмосферата:

(ФОТО: Ивана Батев)