/ Прочитано:

758

Викиликс: Сноуден сѐ уште официјално не го прифатил азилот во Венецуела

Среда, 10 јули 2013 – Интернет страницата „Викиликс“ објави дека поранешниот американски разузнавач Едвард Сноуден се’ уште официјално не го прифатил азилот во Венецуела, наспроти тврдењето на рускиот парламентарец Алексеј Пушков, кој вчера на социјалната мрежа „Твитер“ напиша дека Сноуден го прифатил азилот, па подоцна го избриша твитот.

Влијателен член на рускиот Парламент Алексеј Пушков , кој често ја изразува позицијата на Кремљ предизвика конфузија по објавувањето на твитот дека Сноуден го прифатил азилот во Венецуела. Наспроти неговото тврдење, интернет страницата „Викиликс“ објави дека поранешниот американски разузнавач сѐ уште официјално не го прифатил азилот во Венецуела.

Пушков тврди дека за најновиот развој на настаните во случајот со Сноуден дознал од прилогот на руската телевизија „Вести 24“, која објавила дека Венецуела конечно добила одговор од поранешниот агент на ЦИА. Претходно, претседателот на оваа латиноамериканска држава, Николас Мадуро информираше дека добил официјално барање за политички азил од Сноуден.

Азил за Сноуден понудија и Боливија и Никарагва. Трите понуди на јужноамериканските држави Мадуро ги нарече „колективен хуманитарен политички азил“.