/Прочитано:

424

Владеењето на правото подразбира и дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми

Уставниот суд на Република Македонија поведе постапка за оценување на уставноста на членот 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

Според наводите во иницијативата, членот 79 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост сè уште имал пет става, а членот 15 од оспорениот закон, со кој се менува членот 79 од Законот користи термини, односно зборови што физички не се евидентираат во членот 79 од Законот бидејќи во истиот нема став 6, како што предвидува оспорениот член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

Подносителот на иницијативата, Игорчо Точев, наведува дека во правниот поредок треба да постојат јасни и прецизни норми. Заедницата која се создава меѓу менувачката норма и нормата која се менува со менувачката норма, треба да претставува логична правна и функционална целина за да не дојде до збунување во наведените причини. Подносителот на иницијативата смета дека со операционализација на самата одредба, но и на законот во целина
од оспорената одредба од членот 15 од Законот се повредува начелото на владеење на правото, како и правната сигурност на граѓаните како составен дел на наведената темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, предвидена во член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот.
„Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдена во член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот, подразбира дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми. Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за таквото уредување да претставува една логична, правно-функционална целина, што не е случај со оспорениот член 15 од оспорениот закон. Со оглед на тоа што оспорениот член 15 од Законот содржи повикување на став 6 од членот 79 од Законот, кој не егзистира во законската рамка, Судот оцени дека членот 15 од оспорениот закон основано може да се доведе под сомнение во однос на темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија предвиден во член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните како нејзин составен дел“, стои во Одлуката на Уставниот суд.

М.В