/Прочитано:

147

Во Собранието на РМ презентиран Извештајот за човековите слободи и права на Народниот правобранител

„Како во ниту една друга година претходно, во 2016 констатиравме рекорден број прекршувања на човековите слободи и права, дури 1523 индивидуални повреди на човековите слободи и права. Во 1 354 од вкупниот број случаи беа прифатени нашите интервенции, но за жал, тоа не е случај и со препораките за констатираните слабости за општите состојби за кои изготвивме бројни извештаи и препораки“, истакна народниот правобранител Мемети во својата презентација на Извештајот за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи во Македонија во 2016 година во Собранието на Република Македонија.

Народниот правобранител, Иџет Мемети, денеска на продолжението на шестата седница на Собранието на Република Македонија го презентираше Извештајот за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи во Македонија во 2016 година. Пред пратениците, Мемети рече дека во Извештајот не се констатирани позитивни промени туку стагнација, а во некои области, и назадувања што според него се потврдува со зголемениот број повредени нарушувања на човековите слободи и права за четири проценти.

„Како во ниту една друга година претходно, во 2016 констатиравме рекорден број прекршувања на човековите слободи и права, дури 1523 индивидуални повреди на човековите слободи и права. Во 1 354 од вкупниот број случаи беа прифатени нашите интервенции, но за жал, тоа не е случај и со препораките за констатираните слабости за општите состојби за кои изготвивме бројни извештаи и препораки“, истакна народниот правобранител Мемети.

Нагласувајќи дека во 2016 година, за 4 отсто бил зголемен бројот на повреди на човековите права и слободи, Мемети посочи дека од нивна страна е констатирано употреба на прекумерна сила од страна на полицијата, како и на затворската полиција.

„Забележано е полициско, непрофесионално и брутално постапување, прекумерна употреба на сила на затворската полиција кон осудени лица и отсуство на здравствена заштита во казнено-управните установи. Во 2016 година продолжи неказнивоста на полициските службеници, како и декларативното подобрување на условите во затворите“, истакна Мемети при презентацијата на Извештајот.

Народниот правобранител, во продолжение на презентацијата на Извештајот, истакна дека активно го следи изборниот процес, па во оваа насока, Мемети нагласи дека во Македонија и понатаму има сериозен проблем со избирачкиот список. Затоа, како што нагласи, потребни се итни измени на Изборниот законик, со кој на граѓаните ќе им се овозможи право на глас загарантирано со Уставот.

Загрижувачки факт според Народниот правобранител е тоа што во последните години е констатиран сè поголем говор на омраза, по што тој ги повика институциите да преземаат мерки за негово спречување.

А. Б.