/ Прочитано:

3.117

Во Србија уапсен Драган Даравелски, македонските институции чекаат екстрадиција

Даравелски беше уапсен и во 2004 година од страна на српската полиција, врз основа на меѓународна потерница издадена од Интерпол Скопје. Тогаш на Даравелски му беше определен екстрадиционен притвор, но тој никогаш не ѝ беше испорачан на земјава.

Драган Даравелски

Поранешниот прв цариник, Драган Даравелски, е уапсен доцна синоќа од страна на Министерството за внатрешни работи на Србија, потврдуваат од македонското МВР.

Оттаму наведуваат дека апсењето се случило околу два часот по полноќ и дека е направено врз основа на потерница која била распишана од страна на судовите во земјава. Не откриваат повеќе детали.

Врз основа на Договорот за екстрадиција помеѓу Република Македонија и Република Србија од 2012 година, државите договорнички се обврзуваат дека, под условите предвидени со овој договор, по молба, една на друга ќе ги екстрадираат лицата кои, во државата што бара екстрадиција, се гонат поради кривично дело или се бараат за извршување на казна затвор или за извршување друга мерка која вклучува одземање на слободата, во согласност со правото на државите договорнички.

Даравелски беше уапсен и во 2004 година од страна на српската полиција, врз основа на меѓународна потерница издадена од Интерпол Скопје. Тогаш на Даравелски му беше определен екстрадиционен притвор, но тој никогаш не ѝ беше испорачан на земјава.

Поранешниот цариник се товари дека во времето додека бил директор на Царинската управа ја злоупотребил службената положба.

Поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, во 2007 година во отсуство беше осуден на казна затвор во траење од седум години.

Тој се товареше дека додека бил директор, ја злоупотребил службената должност и овластување, а неговиот заменик, второобвинетиот Киро Доцевски беше обвинет за истото дело, но и за фалсификување службена исправа. Доцевски беше осуден на казна затвор во траење од четири години и 10 месеци. Според обвинението, со работењето на Даравелски и на Доцевски државата била оштетена за 2,5 милиони евра

Со истата пресуда судот одлучи на двајцата да им се заплени имот во висина од 103 575 167 денари најдоцна 30 дена по правосилноста на пресудата.

Во јули 2010 година, Агенцијата за управување со одземен имот, врз основа на правосилна пресуда на Основниот суд Скопје 1 Скопје, со решение до Агенцијата за катастар на недвижности на РМ изврши промена  на сопственост на  имотните листови на две парцели во КО Куманово и една во КО Центар – Скопје од лицето Драган Даравелски во корист на Република Македонија, а со истата пресуда, со решение извршен е пренос на имотот на поранешниот сопственик Киро Доцевски во КО Куманово во сопственост на Република Македонија.

М.С.