/Прочитано:

335

Во високообразовните установи има 4.114 наставници и соработници

Државниот завод за статистика ја објави бројката на наставници и соработници во високообразовните установи во академската 2016/2017 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на наставници и соработници во високообразовните установи во академската 2016/2017 година изнесува 4.114.

Од вкупниот број наставници и соработници, посочуваат од Државниот завод за статистика, 2.923 или 71.1% се наставници и 1.191, т.е. 28.9% се соработници во наставата. Бројот на наставници и соработници жени во учебната 2016/2017 година изнесува 1.910 или 46.4%.

Минатиот месец Државниот завод за статистика објави податоци за број на докторирани и магистрирани лица за 2016 година. Според податоците, повеќето од магистрите и докторите на наука се жени.

Бројот на жени што одбраниле докторска дисертација во текот на 2016 година изнесува 111 кандидати, што претставува 56.3% од вкупниот број лица кои докторирале во 2016 година, додека пак учеството на жените магистри во вкупниот број лица кои стекнале научен степен магистер на науки во 2016  година изнесува 58.9%.

Исто така, според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на дипломирани жени изнесува 4.831 или 57.1% од вкупниот број дипломирани студенти. Од вкупниот број вработени жени кој изнесува 282.078 во 2015, 76.3% се вработени во деловни субјекти во приватна сопственост. Од вкупниот број вработени жени во 2015 година, 95.3% се вработени со цело работно време.

Според извештајот, пак, во јавниот сектор жените се на помал број раководни работни места од мажите. Според податоците на народниот правобранител, од вкупниот број вработени во јавниот сектор 59.124 (48,02%) се со високо образование од кои 33.978 (27,60%) се жени, а 25.146 (20,42%) се мажи.

M.В